Сите како и премиерот се надеваат дека позитивниот извештај на Европската комисија за нашата држава ќе им помогне на веќе познатите воздржани држави – Франција и Холандија да донесат одлука во врска со датумот за преговори со ЕУ но се поверојатно е дека сега се приклучува и Германија.„Очекуваме датумот за почеток на преговори да биде даден ова лето. Јасно е дека јуни е тешко достижен, заради тоа што Бундестагот има седница меѓу 3-ти и 6-ти јуни и не верувам дека извештај што се објавува на 29-ти мај и треба формално-правно да се процесуира и да стигне до националните парламенти на земјите членки на ЕУ, ќе може меѓу 3-ти и 6-ти јуни да биде на седница, иако ако се направат малку поголеми напори од Германија како голем пријател тоа би било можно“, изјави премиерот Заев.
„Нема да има брза одлука за Северна Македонија и Албанија по препораката на Европската комисија. Ваква проверка не може да се случи набрзина. Тоа не би можело да се оправда пред германското население, ниту пак би било соодветно за засегнатите земји“, е изјавата на Јохан Вадефул влијателен пратеник во владејачката ЦДУ на Ангела Меркел.
Со ова тој само го дополни неговиот сопартиец Гинтер Крихбаум кој вчера кажа дека „додека Бундестагот донесе одлука ќе дојде октомври“.
На ова премиерот кажа дека во случај националните парламенти на државите членки на ЕУ да не стигнат да го разгледаат извештајот од ЕК, тогаш одлуката за датум за преговори би можело да се одложи за есен.
Од друга страна останува да се надеваме на изјавата на државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи Михаел Рот, дека „Германската Влада е подготвена да ги поддржи Северна Македонија и Албанија на нивниот пат кон ЕУ. Подготвени сме да дадеме зелено светло и би сакал да ги охрабрам и нашите пријатели во Холандија и Франција да ни се придружат“.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ по песимистични дека Северна Македонија ќе добие датум за преговори во јуни. Спорот со Грција го нема, но нема ни датум, велат од ВМРО –ДПМНЕ.
По вчерашното врачување на извештајот на Европската комисија, државниот врв предупреди дека евентуалното одложување на датумот за старт на преговори би можело да ги поткопа европските процеси во Македонија.
А. Мехмети












