Сега разрешениот економски директор на Клиниката за Гинекологија во Скопје, Ваљон Беља продолжува да открива документи за, како што вели, нерегуларности кои се прават на клиниката. Тој во една емисија откри дека главната сестра на гинекологија има диплома од Филолошки. Вели дека врз основа на законот и колективниот договор, ваквото вработување не е дозволено и е казниво согласно Членот 353 за злоупотреба на службена должност.
Министерот за здравство, за Ваљон Беља рече дека е нетранспарентен и затоа е сменет, но сепак не даде одговор дали обвинувањата на поранешниот економски директор на Гинекологија ќе бидат истражени.
За случајот се произнесе и премиерот Зоран Заев. „Без разлика дали станува збор за директорката Јовановска или за Беља истражните органи треба да проверат. Суштината вака да настапи беше тоа што му беше соопштено дека ќе биде разрешен и тој тргна по тој пат. Затоа се случи одлуката на министерот веднаш да биде разрешен, затоа што со соопштување на одлуката и неговиот начин на прифаќање на одлуката да тргне во тој правец може да направи непоправливи штети. Не заради тоа што тој ќе збори одредени работи, туку затоа што тропа глупости од секој можен аспект и нема да дозволиме никој да си игра играчки со институциите и со позицијата што ја има поставено од страна на владата и од неговиот ресорен министер“.
На ова Беља одговара преку статус напишан на Фејсбук: „Ако ми било предочено дека ќе бидам сменет, зошто ми е продолжено решението како економски „в.д. директор” во Клиниката за гинекологија и акушерство? Фактите зборуваат спротивно од фрустирачките изјави на премиерот Заев. Ако вие поставувате дипломиран филолог на местото главна сестра во значајна инстуција (што е спротивно на законот), тогаш… кој се подбива со оваа институција”.
Јовановска пак му одговори на Беља со ново обвинување дека тој вака реагира бидејќи одбила да потпише вработување на две лица во неговиот кабинет. На обвинувањата од Беља дека Јовановска фаворизирала фирма за микробиолошки тестови со спецификите во набавките, Јовановска одговара дека на тие набавки има и негов потпис и ако биле економски неоправдани не требало да потпишува, и најави дека ќе поднесе тужба за клевета.
А. Мехмети












