Премиерот, вицепремиерите, невладините, медиумите, бизнисот и академијата ќе бидат дел од Форумот „Две години Влада – одговорно пред граѓаните“ што ќе се одржи утре (недела), на 2 јуни, во сала Милениум 1, во хотел Холидеј Ин во Скопје, со почеток во 11:30 часот. Поводот за одржување на овој форум е одбележувањето на две години од формирањето на Владата на Република Северна Македонија.
Целта на Форумот е да поттикне дискусија меѓу претставниците на Владата и институциите, граѓанското општество, академијата, деловната заедница и останатите засегнати страни за остварените важни промени во општеството во текот на изминатите две години, како и за прашањата кон кои треба да се стави посебен фокус до крајот на мандатот.
Агендата на Форумот е богата и динамична. Првата сесија е на тема „Од поделено општество пред колапс, до стабилно, солидарно и почитувано општество“. Во неа говорат премиерот Зоран Заев и вицепремиерите Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Бујар Османи и Кочо Анѓушев.
Втората сесија на Форумот е на тема „Агенда 2019-2020: Фокусот на Владата до крајот на мандатот“. Модератор на оваа сесија е Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.
Во втората сесија учествуваат премиерот Заев, Томислав Кежаровски, новинар, Беса Арифи, универзитетска професорка, Таки Фити, претседател на МАНУ, Љатифа Шиковска, граѓанска активистка, Уранија Пировска, директорка на Хелсиншки комитет за човекови права, Коста Петров, претприемач и Антонио Аргир, претседател на Управен одбор на НЛБ Банка.












