Министерството за внатрешни работи при честитките до ракометниот клуб „Вардар“ за освојувањето на титулата европски шампион, укажува дека радувањето на спортските успеси е неспоиво со говор на омраза, дискриминација и поттикнување на омраза и насилство.МВР извести дека ќе ги преземе сите неопходни мерки за обезбедување на јавниот ред и мир на пречекот на ракометарите и ќе биде најстрого санкциониран било каков обид за предизвикување на инцидент, како што тоа беше направено на синоќешната прослава..
Од министерството апелираат до граѓаните да не употребуваат навредливи пароли, скандирања или пеење на песни со кои шират говор на омраза, затоа што тоа ќе биде санкционираноа, граѓаните да се воздржат од употреба на пиротехнички средства затоа што на тој начин се загрозува сечија безбедност, како што беше случајот од вчера со една девојка што се здоби со повреди од пиротехничко средство.
„На 02.06.2019 година во времето од 20:10 до 23:50 часот во Скопје на Плоштад „Македонија“, одржан е јавен собир (прослава), по повод победата на ракометниот клуб „Вардар“. За време на прославата, пријавено е дека било оштетено патничко моторно возило “Ауди А3“ со скопски регистарски ознаки на булеварот “Гоце Делчев“. Возилото било оштетено од повеќе лица кои фрлале кон него со бекатон плочки. Притоа со телесна повреда на левата рака се здобил Ф.М. (18). Во врска со настанот од страна на Единицата „АЛФА“ биле приведени пет малолетници на возраст од 14 до 17 години, сите од Скопје. На улицата „11-ти Октомври“ пред Собранието на РСМ било оштетено патничко моторно возило “Шевролет Спарк“ сопственост на МВР. Т.П.(17) од Скопје била повредена од пиротехнички средства на Плоштад Македонија и се здобила со изгореници во пределот на нозете. Исто така, приведен е и Ж.М.(36) од Скопје поради нарушување на јавниот ред и мир пред Собранието на РСМ“, стои во вчерашниот билтен на МВР.
МВР, исто така, ја извести јавноста дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во координација со надлежното обвинителство континуирано презема мерки и активности за санкционирање на ширењето на говорот на омраза и на социјалните мрежи, најчесто на Фејсбук.












