Во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Бранко Црвенковски, како и на Подгоричкиот клуб, денеска во Скопје, се одржува Меѓународна конференција „Проширувањето на ЕУ на крстопат“.
На конференцијата, исто така, учестуваа и сегашниот претседател на РСМ, Стево Пендаровски и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.
Претседателот Пендаровски во своето обраќање истакна дека како Претседател на Република Северна Македонија од Европската Унија очекува лидерство и решителност и неодложно одредување на датумот за почеток на преговорите за членство.
„Северна Македонија, нејзините граѓани и институции добиваат силен мотив и фокусираност за реформи, регионот на Западен Балкан добива силен охрабрувачки сигнал за европската перспектива, а Европската Унија ќе го потврди кредибилитетот во однос на нејзината најуспешна политика – а тоа е проширувањето. Само така ние ќе успееме да ја надоместиме изгубената деценија, и од Северна Македонија да изградиме европска држава и праведно, хумано и напредно општество“, истакна Пендаровски.
Вицепремиерот Османи во своето обраќање рече дека успехот на Северна Македонија треба да биде поттик и за останатите земји да го искористат европскиот моментум.
„Многупати имам кажано дека ориентираноста на земјите од Западен Балкан кон ЕУ не е поради географски, историски или економски причини, туку целта е да се изгради долгорочно стратешко партнерство, односно начин како да се променат балканските земји, а ЕУ да нè прифати како еднакви“, изјави Османи.
На конференцијата се очекува потпишување и на декларација за важноста од донесување на позитивни одлуки на претстојните состаноци на Советот, а која ќе биде упатена до највисоките претставници на Европската Унија.
Подгоричкиот клуб е формиран на 1 февруари оваа година од поранешни претседатели и премиери од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора.
Б. Ј.