Започна теренската вежба „Одлучен удар“ денеска на армискиот полигон „Криволак“. На вежбата ќе учествуваат околу 2.700 војници од земјава, и од пет држави партнери во НАТО. Вежбата ја отвори заменикот на министерот за одбрана Беким Максути, во присуство на в.д. амбасадорот на САД Микаела Швајцер-Блум и други гости.
„Одлучен удар“ е досега е најголема вежба која ја организира нашата армијата која вклучува и армии на уште пет сојузници – САД, Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора и се случува во вистинско време, време во кое мојата држава е исклучително горда на постигнатото, истакна Максути. Наведе дека фактот што над 2.700 припадници на армиите на земјите учеснички ќе бидат дел од комплексната вежба уште еднаш го потврдува мислењето на Алијансата и на сојузниците дека Северна Македонија е подготвена и има капацитет и искуство да организира и координира вежби и обуки од големи размери.
„Оваа вежба е моќен пример за тоа како вашите воени сили се подготвуваат да станат сила во НАТО. Подготвена да работи со сојузничките војски на НАТО и да се справува со идните закани. Вежбата исто така е доказ дека Северна Македонија веќе придонесува во Алијансата“, посочи в.д. амбасадорката на САД Микаела Швајцер-Блум. Таа посочи дека мултилатералните вежби како „Одлучен удар“ играат важна одлука во зајакнувањето на нашата заедничка безбедност.
„Од Криволак ќе испратиме силна порака за стабилност и безбедност во регионот и Европа“, рече генерал Арсоски. „Одлучен удар“ ќе трае до 9 јули. На вежбата ќе има 26 настани, 96 задачи и 13 тактички вежби со боево гаѓање со пешадиско оружје, артилерија и хеликоптери.












