Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Форумот „Две години Влада – Одговорно пред граѓаните“, изјави дека кога некој од страна ги набљудува просеците, можеби периодот од две години изгледа како долг период, но доколку сте во позицијата да ги движите просеците, според него, тогаш можеби и две години се краток период за она што треба да биде постигнато.
„Состојбата која ја затекнавме пред две години, во областа на безбедноста и внатрешните работи, сама по себе ги наметна приоритетите по кои работевме изминатите две години. Целта на спроведените и тековните реформи беше и е да ја вратиме довербата во институциите, но и да ги ослободиме институциите и граѓаните од спрегите на полициската држава. Одлуката која ја донесовме на почетокот на мандатот на оваа влада, а денес веќе е спроведена, е инстументите и механизмите кои ни стојат на располагање на извршување на нашите надлежности, да се користат исклучиво и единствено за целите на безбедноста и сигурноста на граѓаните во државата“, изјави Спасовски.
Спасовски додаде дека следен чекор кој е особено значаен е реформата на безбедносно разузнавачките служби, особено на Управата за безбедност и контрараздознавање.
„Процесот на подготвување на законите траеше повеќе од шест месеци и се спроведе во транспарентен процес, кој имаше за цел да ги отвори сите дилеми и стравувања поради кои овие служби во минатото беа злоупотребувани и нивниот углед беше срушен. Законската рамка за овие служби во Европската унија е различна и сложена и покрај обидите за транспарентност поради што и многу од сегментите на работењето службите останува нерегулирано со закон. Но, со новиот закон за Агенцијата за национална безбедност се регулираат сите сиви зони кои можат да претставуваат можност за злоупотреба“, додаде Спасовски.
Според министерот, обезбедување на законско, одговорно и професионално работење, воспоставување на систем на одговорност, оттчетност и идентификување на индивидуалната одговорност во ланецот на одговорности, особено од аспектот на заштита на човековите права и слободи, од една страна и јавниот интерес, од друга страна секако е во рацете на контролата и надзорот.
„Изминативе две години работевме и на сузбивање на појавата која индиректно претставува закана за безбедноста на државата, а тоа е организираниот криминал и корупцијата. Последиците од дејствувањата на криминалните групи се негативни за економскиот развој, но и за безбедноста поради поврзување на криминалните групи со терористички дејствија. Современите текови во општеството создаваат предуслови за раст на организираниот криминал и корупција и токму затоа бара од владите да преземаат решителни мерки за нивно созбивање. Во одделот на сузбивање на организираниот криминал и криминал беа донесени оперативни процедури согласно кои се приоритетизираат предметите со цел ефикасно работење“, изјави Спасовски.
Спасовски додаде дека во периодот септември 2018 до март 2019 година, Одделот за сериозен и организиран криминал постигнал забележителни резултати при сузбивање на организирани криминални групи во областа на недозволената трговија со дрога, криумчарење на мигранти и економски криминал.
„Мотивирани од потребата од имплементирање на највисоките европски стандарди, кои ќе обезбедат спроведување на неселективната борба против облици на облици на организиран криминал, го востановивме Националниот кординативен центар за борба против организиран криминал, кој има цел да ја олесни размената на информации и податоци помеѓу институции кои партиципираат во неговото работење, а со тоа ги идентификуваат во раната фаза и евентуално преклопување на работата на институциите, се со цел да бидат ефикасни“, изјави Спасовски.
Спасовски на крајот додаде дека во периодот кој следи, борбата против организираниот криминал и корупција, ќе бидат во фокусот на сите активности на МВР и институциите со кои имаат поделени надлежности.
Втората сесија на Форумот „Агенда 2019-2020: Фокусот на Владата до крајот на мандатот“ ја модерираше Џабир Дерала, ЦИВИЛ, а учествуваа премиерот Заев, Томислав Кежаровски, новинар, Беса Арифи, универзитетска професорка, Таки Фити, претседател на МАНУ, Љатифа Шиковска, граѓанска активистка, Уранија Пировска, директорка на Хелсиншки комитет за човекови права, Коста Петров, претприемач и Антонио Аргир, претседател на Управен одбор на НЛБ Банка.
Ангела Петровска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа и фотографија: Биљана Јордановска












