Иако Европската Унија сака по секоја цена да ги стави на исто рамниште Северна Македонија и Албанија за почнување на преговорите, така не мислат сите во Франција или Холандија. Имено, на вчерашната расправа во Комитетот за европски прашања на холандскиот парламент, министерот за надворешни работи Стеф Блок изјави дека владата ја остава отворена вратата за датум за преговори на Северна Македонија со ЕУ, додека за Албанија нема интерес. Тој вели дека нашата влада треба да направи поголеми напори во борбата против корупцијата и владеењето на правото, тоа се тие забелешки кои ни ги кажуваат во речиси секој извештај кој го добиваме години наназад.
Во Бундестагот вчера се ратификува Протоколот за пристап кон НАТО на Северна Македонија, меѓутоа, не помина сѐ така лесно. Според неколку пратеници на германскиот парламент, Ангела Меркел е против нашето членство во Европската Унија. Сепак, од Германија доаѓаат позитивни сигнали, според кои Северна Македонија треба да добие датум за преговори, заедно со Албанија.
Што се однесува до нас самите, познато е дека премиерот Заев е во поход да убедува низ Европа дека е многу важно ние да ја добиеме таа препорака од Советот на министри на ЕУ, во спротивно се ризикува многу, како на пример, пад на оваа влада и доаѓање на сѐ уште нереформираното ВМРО на власт, кое и тоа како може да се совпадне со новата политичка ситуација во Грција каде што Мицотакис победи на локалните избори.
Во меѓувреме, Заев во Брисел изјави: „Или ќе ја поддржат оваа прогресивна, проевропска опција, или оние што ги блокираат овие процеси и што некои ги нарекуваат проруски или националистички и радикални. Разочарувањето што ќе се случи меѓу нашите сограѓани доколку Европскиот Совет не даде позитивно мислење, ќе им даде надеж на овие вторите. На граѓаните кои поддржуваа национализам и радикализам, а тоа не е добро. Не е добро за земјата, не е добро за регионот. Тоа се опциите и тоа нѐ загрижува. Без разлика на тоа што ќе се случи, ние направиме сѐ што можевме најдобро. Сакам нашите партнери (во ЕУ) да знаат дека чекавме 15 години и дека сега е сѐ можно“, рече премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата, и додаде дека од одлуката на Европскиот Совет зависи и најавената реконструкција на владата, иако процесот е започнат со промени на две третини од владата“.
Ариан Мехмети












