Иницијативата на неколку политички партии за измена на Изборниот законик, односно носење нов кој предвидува пропорционален модел, отворени листи и помалку изборни единици доби поддршка од новиот шеф на државата.
Иницијативата на политичките партии е комплементарна со веќе познати предлози. ЦИВИЛ како организација за човекови права и слободи што ги набљудува изборните процеси од 2008 година, во текот на изминатите шест години објави бројни препораки за подобрување на изборниот систем, меѓу кои спаѓаат и барањата за носење нов Изборен законик, темелна ревизија на Избирачкиот список, како и создавање една изборна единица од целата земја, со што ќе се демократизираат изборите.
Барањето на помалите политички партии за измени во изборниот модел почнува да добива поддршка и од поголемите партии. На парламентарните избори, освен за политичка партија, гласачите да имаат можност да заокружат и поединечни кандидати од листата на пратеници. Ова значи дека избирачите ќе имаат можност самите да избираат пратеници. Поддршка за овој предлог стигна и од новиот претседател Пендаровски кој ги повика власта и опозицијата да седнат и да се договорат за ова важно прашање, а најдобро би било тоа да се направи со консензус.
Претседателот Пендаровски смета дека во Република Северна Македонија треба да има помал број на изборни единици, без праг или со минимален праг на потребни гласови, а во функција на проширување на политичкото претставување во Собранието на Република Северна Македонија.
Од СДСМ и ДУИ даваат поддршка на предлогот за една изборна единица, од ВМРО ДПМНЕ пак велат дека најпрво е потребна внатрепартиска консултација.
А. Мехмети