ЗОРАН ИВАНОВ
Со неверојатна леснотија се уште актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и безмалку децениски желник за премиерско столче што, нормално, вака како што се претставува ќе му се случи никогаш, во својот празничен партиски памфлет на обраќање фрли прав в очи на македонските граѓани демек тој, од своите разно разни државни позиции, ниту лук јал, ниту лук мирисал и цели единаесет години бајче било невино и тоа како еден од најблиските партиски соработници во времето и меѓународно верификувано како досега најкриминално и како време режимско наметнато од неговиот ментор кој, додека таму зад две граници си лумпува со народни пари, тој овде ниту зуц да се огради па денеска, на еден од најсветлите државнотворни датуми, наместо добра мисла и желби за кооперативност за надминување на актуелните проблеми новосоздадени но и наследено пренатрупани и од неговото децениско криминално време, наместо ЕУ патоказ како единствена перспективна опција за Македонија и, секако, ако е воопшто можно сето да се констатира само во оваа една реченица, тоа би бил фактот дека неговата денешна празнична заканувачка порака од која, патем, ептен се испоплашивме, ја емитуваше во насока на продлабочување на и онака веќе предлабоките национални и општествени поделби порачувајќи притоа дека државата ни е тропа, што, коректно е да се забележи, и не е многу далеку од вистината, но авторот на кажаното премолча да потсети дека меѓу многумината инволвирани во овие состојби сегашни беше и тој и тоа како значаен соучесник во тоа режимско, тоталитарно и криминално македонско време и, оттука, редно е да се каже дека тој воопшто и не е авторитет за било каква, најмалку за празнична порака, уште помалку за порака во која ветува борба со криминали и упатува закани со затвори кога пола партиско раководство уште му се влече по судници и, затоа, ќе беше малку коректно својот памфлет што го истури на самиот ден на македонската светост, наместо исполнет со ароганции и закани, троа покајнички да го посветеше и на сопоственото учество во оваа наша севкупна македонска беда и за тој свој придонес во тоа дело да покажеше барем малку срам и барем малку домаќинска доблест и барем тоа да го стореше денеска на денот на празникот.