Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на вчерашната седница усвои три подзаконски акти коишто се однесуваат на изборното медиумско претставување на радиодифузерите. Усвоена е Методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за време на изборни процеси, Упатството за лимитите за платено политичко рекламирање за изборите во 2020 година и Упатството за потврдување на извештаите за емитување платено политичко рекламирање.
AАВМУ ќе врши мониторинг на медиумското покривање на изборната кампања од првиот ден на почеток на изборната кампања, вклучувајќи го и изборниот молк. Целта на мониторингот на медиумите е да се обезбеди правично, избалансирано и непристрасно медиумско претставување на сите учесници во изборниот процес, на кои треба да им се овозможат подеднакви услови за пристап до сите облици на изборно медиумско претставување во телевизиските и радио програмските сервиси.