Ден по распитот во обвинителството, лидерот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети посочи дека раскажувал за пропаднатиот попис пред девет години. Ситуацијата според него тогаш била тешка и тензична и имала етнички размер. Како пратеници во Собранието се договориле дека пописот треба да се стопира за да не се создадат проблеми.
„Проценив и проценивме сите заедно дека пописот треба да се одложи. Јас сум 120 – от пратеник кој гласав овој момент да се одложи и во подобри услови да се организира подобро. Тоа беше сѐ“, додава Ахмети.
Иако Ахмети не лоцира персонална одговорност за пропаднатиот попис и тврди дека запирањето на пребројувањето на населението е одлука на Собранието, обвинителството ги сомничи за пропаѓањето на процесот лидерот на ДУИ и бегалецот Никола Груевски. Штетата врз буџетот со запирање на процесот, обвинителството ја цени на 2,8 милиони евра. Сепак, Ахмети има многу поволна позиција и евентуално против него може да се запре постапката.
Причина е што обвинителството со новиот Закон за обвинителство нема да може да ги користи како докази прислушуваните разговори кои се клучен доказ со кој се отвори истрагата за „Попис“, базиран на прислушуван разговор помеѓу Ахмети и поранешниот премиер Никола Груевски. Додека обвинителството има задача да открие зошто пропадна пописот, ДУИ сега со новиот коалиционен партнер СДСМ договори нов попис за април следната година.
Истрагата по предметот „Попис” ја отвори поранешното СЈО, за потоа да ја преземе ОЈО за организиран криминал и корупција.
Случајот се однесува на пропаднатиот попис во 2011 година, организиран од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Според СЈО, со стопирањето на пописот на населението тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој сега е во бегство, Никола Груевски и неговиот коалициски партнер во владата Али Ахмети, нанеле штета на Буџетот во висина од 2,8 милиони евра.