Шпанија делумно или целосно ќе ѝ ја укине автономијата на Каталонија, доколку регионалните лидери не ја сменат одлуката, за прогласување независност. Властите на Шпанија соопштија дека ќе го применат членот 155 од Уставот, со којшто ќе се укине автономијата на Каталонија, доколку каталонскиот претседател Карлес Пучдемон не се откаже од независност.
Шпанскиот премиер, Маријано Рахој го повика Пучдемон на разумни постапки. Пучдемон до утре треба да одговори, дали прогласил независност. Каталонскиот претседател минатата недела ја суспендираше потпишаната Декларација за независност на Каталонија, давајќи простор за дијалог со властите во Мадрид.
Инаку, Референдум во Каталонија што на 5,3 милиони граѓани со право на глас требаше да им обезбеди слободно да одлучат за себе и за сите жители на Каталонија, за или против независност, со полното демократско право, резултираше со 840 повредени граѓанки и граѓани и 30 полицајци.
За ЦИВИЛ Медиа, Сандра Живковиќ, која живее и работи во Барселона, тогаш изјави дека, како што се приближувало времето за затворање на избирачките места, стари, млади, фамилии со деца, инвалиди, луѓе со кучиња, ги бранеле влезовите на училиштата или центрите каде што се гласало, во обид за зачувување на правото на глас за независнот на Каталонија.