Активисти од граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“ и граѓани од околните населби денеска го блокираа пристапот на камионите кои носат отпад на регионалната депонија. Тие со жив штит застанаа локалниот пат од Долна Бањица кон месноста Русино и најавија дека блокадата ќе трае наредните десетина дена.
Активистите по поставувањето на блокадата ги истакнаа и барањата кои доколку се исполнат ќе ги прекинат блокадите.
– Со оглед дека локалната власт не ги зеде предвид нашите барања и по извесен период се решивме на овој чекор. Нашите барања се три: да се запре горењето на ѓубриштето Русино кое сè уште гори, тлее и чади; да се стават камери и обезбедување со што ќе се спречат или идентификуваат подметнувачи на пожарите и општината да побара помош до надлежните институции за санација и затворање на ѓубриштето Русино и одредување нова локација и изградба на регионална депонија согласно ЕУ стандардите, изјави Десо Матески од Граѓанска иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“.
Засега е неизвесно каде ќе се транспортираат околу 40 тони комунален отпад од гостиварската општина.
Во близина на рампата која е поставена од порано, активистите направиле мини-камп во кој ќе дежураат за да спречат поминување на камиони со отпад. Местото го обезбедува и полицијата.
– Пријавата против мене е неоснована и не сум упатил никакви закани. Јас лично ја поддржувам иницијативата сакам овој проблем да се реши. Во разговор со одговорните во полиција побарав да преземат соодветни мерки и да овозможат поминување на камионите на претпријатието кон депонијата и да спречат евентуални инциденти, изјави Љазами по разговорот во ОВР Гостивар.
Според него, блокадата на камионите со комунален смет може да предизвика проблеми, со оглед дека се работи за количина од околу 40 тони колку се собираат на дневно ниво. Неподигањето на сметот во летниот период претставува и дополнителн ризик по здравјето на луѓето.
Состојбата со регионалната депонија Русино во последниве два месеци стана актуелна откако гореше отпадот и граѓаните се жалеа на загаден воздух и лоша миризба. Под притисок на јавноста, локалната власт организираше јавна дебата на која учествуваа и претставници на повеќе државни и локални институции. Повеќето од граѓаните во дискусиите ги критикуваа властите дека недоволно се грижат за здравјето на луѓето и дека наметнуваат решенија кои се штетни и неодржливи на подолг рок. Повеќето беа недвосмислени во барањето, депонијата да се затвори.
Градоначалникот општина Гостивар, Арбен Таравари, изјави дека локалната власт веќе презела чекори.
– По дебатата дојдовме до заклучок дека Русино ќе биде отворено само за отпадот од општина Гостивар. За ваквиот исход им најавив и на колегите од Врапчиште и Маврово Ростуше да не праќаат камиони со отпад, рече Таравари.
Тој напомена дека во наредниве денови ќе се разгледаат можностите за да се организира и референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали Русино и натаму ќе опстои како регионална депонија.
ЦИВИЛ Медиа во септември минатата година разговараше со градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, токму за депонијата Русино и ингеренциите на општината за справување со проблемот.
Градоначалникот на Гостивар, д-р Арбен Таравари, отворено и директно говореше за ЦИВИЛ Медиа за еколошките проблеми што го мачат градот и општината. Проблемите со кои се соочува локалната администрација и жителите на Гостивар се илустрација колку политиката на централно ниво е оддалечена од зелените политики и практики и колку тоа лошо влијае на квалитетот на животот.
Таравари: Ингеренции немаме, инвеститорите ги препративме во Владата, реакција нема