Активисти се населија во многу слободни домови во германскиот главен град во знак на протест против нејасните принципи за формирање на цените на кириите во Берлин, јави ДПА.
Портпаролот на активистите изјави дека десетици илјади луѓе во градот се бездомници, а луѓето одделуваат се поголем дел од своите приходи за да ги платат кириите.
– Незаконски е домовите да стојат празни, сметаат активистите.
Полицијата вчера потврди дека најмалку осум станбени блокови се погодени од акцијата во квартовите Кројцберг, Нојклојн и Фридрихсшајн.
Полицискиот портпарол Винфрид Венцел изјави дека не знае колку долго демонстрантите планираат да останат во зградите, а нивниот претставник посочи дека „окупацијата“ е на неопределено време.
– Јасно е дека нема да има вистинска окупација, рече портпаролот на полицијата. Досега ситуацијата е мирна и властите се во контакт со сопствениците на објектите.
Во соопштението на активистите се вели дека тие се залагаат за „отворен некомерцијализиран простор” и за „самоуправа во станбен простор” во 40 апартмани и канцеларија во југоисточниот кварт Нојклојн. Тие истакнуваат дека ова е „крајна интервенција против принципот на шпекулативна неактивност”. Според демонстрантите, преговорите со сопственикот – државна станбена компанија, веќе се во тек. (МИА)