Вечерашната изложба на уметникот Касилс, со која започнува „Викендот на гордоста“ (Skopje Pride Weekend) во 20:30 часот во „Мала станица“ во Скопје, ќе ја отвори министерот за култура Роберт Алаѓозовски.
Според еден од организаторите Славчо Димитров од коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, се работи за „историски чекор, бидејќи за првпат во Македонија – министер за култура ќе отвори културно-уметничка манифестација која во преден план ја има квир-културата и прашањата за родот и сексуалноста“.
„Сегашната Влада уште во предизборието се заложи, се обврза дека ќе преземе серија чекори коишто ние ги имавме изложено како барања, а коишто сметаме дека се први, клучни и нужни чекори за подобрување на ситуацијата со човековите права на маргинализираните заедници, вклучително ЛГБТИ популацијата“, изјави Димитров во интервју за Макфакс.
Носечка идеја зад овогодишниот, петти по ред, „Викенд на гордоста“ се Транс-формациите, со која организаторите сакаат да ги „отворат прашањата за различните општествени и културни норми со кои се врамува човековата телесност, особено преку оските на родот и на сексуалноста. Уште позначајно, сакаме да ги претставиме и да експериментираме и со можностите за отпор и лизгање од нормативните решетки, токму преку самата телесност“.