Градските советници во главниот град на Баварија за мечот Германија-Унгарија на Евро 2020 во среда во Минхен, планираат да го осветлат стадионот со бои на виножито. Ова е симболичен протест против неодамнешното донесување на закон за забрана за промовирање на хомосексуалноста во Унгарија. Познатата Алијанц Арена ќе блесне со боите на ЛГБТИ за време на натпреварот, а чинот е за да се обесчести политиката на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Градот Минхен ја поддржува различноста, толеранцијата и вистинската еднаквост во спортот и општеството“, стои во заедничката нацрт-одлука на сите шест партиски фракции во Градскиот совет во Минхен, упатена до градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер. По повод натпреварот меѓу Германија и Унгарија, градскиот совет сака да испрати видлива порака на солидарност до ЛГБТИ заедницата во Унгарија, која трпи последици од неодамнешниот закон инициран од владата на Орбан.
Унгарија на 15 јуни го усвои предлог-законот за забрана на „промовирање“ на хомосексуалноста кај малолетните лица, предизвикувајќи загриженост на активистите за човекови права, во услови на зголемени ограничувања наметнати од конзервативната влада на премиерот Виктор Орбан кон ЛГБТИ заедницата.
Амандманот на законот е усвоен со 157 гласа, вклучувајќи ги и од владејачката партија Фидес, на Виктор Орбан, на седницата што директно беше емитувана на телевизија.
Опозицијата го бојкотираше гласањето, освен крајно десничарската партија Joбик, која му се спротивставува на Орбан, но денеска гласаше за забраната.
„Порнографијата и содржината што ја прикажуваат сексуалноста или промовираат девијации на идентитетот од овој вид, промена на полот и хомосексуалноста, не смеат да бидат ставени на располагање на лица на возраст под 18 години“, се наведува во документот, додавајќи дека тој има за цел да ги „заштити правата на децата“.
Во пракса, тоа ќе значи дека веќе нема да бидат дозволени едукативни програми или реклами кои изразуваат поддршка за сексуалните малцинства, како што е оној на Кока-Кола, што претставува неколку мажи, кои во 2019 година предизвикаа повици за бојкот. Ниту, пак, книгите што ја промовираат хомосексуалноста.
Илјадници лица излегоа на улиците на Будимпешта во знак на протест против „континуираната пропаганда“ на владата против ЛГБТИ заедницата.
Парадоксот да биде уште поголем, корените на ваквиот радикализам на Виктор Орбан и неговата партија Фидес лежат во неколку големи педофилски скандали во нивниот политички круг.
„Законот претставува нов чекор кон обесправување на правата на лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците и трансродовите лица, уште еден чин на насилство во низата од постапки со што систематски ги ограничува владеењето на правото и основните слободи во Унгарија“, рекоа советниците од Минхен и порачуваат дека со овој закон се спротивни на: Повелбата на ЕУ за основните права, Конвенцијата на ООН за правата на детето, надлежноста на Европскиот суд за човекови права и стратегијата на Европската комисија за рамноправноста на ЛГБТИ.
Минхенските советници во предлогот наведуваат дека во таква ситуација, со истакнување на боите на виножитото, појавувањето на германскиот национален тим против Унгарија нуди јавна платформа од која ќе испратиме јасна порака дека Минхен се залага за разновидно и толерантно општество. Спортот, а особено фудбалот, исто така силно ги претставува истите овие вредности, се вели во предлогот.
Ова не е изолиран случај против дискриминација на ЛГБТИ луѓето во германскиот фудбал. Голманот на репрезентацијата на Германија, Мануел Ноер веќе ја носеше капитенската лента со боите на виножитото за време на натпреварите против Франција и Португалија минатата недела. Клубовите од Бундеслигата исто така редовно учествуваат во слични иницијативи: Лајпциг и унгарскиот голман Питер Гулаци неодамна излегоа во јавноста со поддршка на исто половите бракови.
Ако се знае дека десничарските и ултранационалистичките групи доминираат меѓу навивачите на унгарската репрезентација, кои не ги ни кријат своите антисемитски ставови, натпреварот во Минхен во среда ќе биде интересен од многу аспекти.
На двата одиграни натпревари досега во Будимпешта, блоковите зад голот на Гуласки беа окупирани од навивачи од т.н. „Карпатиска бригада“, група во црни маици составена од приврзаници на неофашистичката партија Joбик и членови на екстремно десничарски групи од редовите на навивачите на унгарските клубови.
За време на мечот со Португалија на 15 јуни, истиот ден кога унгарскиот парламент го донесе анти-ЛГБТИ законот, „Карпатиската бригада“ прикажа транспаренти, пееше и извикуваше навреди на сметка на сексуалните малцинства, Инцидентот во моментов го истражува УЕФА.
Пред саботното реми со Франција, членовите на истата група маршираа зад анти-ЛГБТИ транспарент сè до „Пушкаш Арената“, опонирајќи на клечењето на Англичаните против расизмот и дискриминацијата.
Јане Ѓорѓиоски/ Frontline