Поранешниот лидер на ПДП, Фатон Алити, смета дека нашиот предизвик е во тоа што не се спроведуваат реформите.
„Ние подобро ќе се разбереме ако седнеме и си ги признаеме нашите грешки, во смисла на тоа дека треба да созреат услови за поискрено да ги довериме нашите грижи околу тоа што ја создава недовербата кај луѓето“, рече Алити во своето излагање на конференцијата „Перспективи 2019“ во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Во контекст на меѓуетничките односи Алити преку личен пример од секојдневието зборуваше за недовербата меѓу луѓето од различни етнички заедници, и нагласи дека мора да се работи на враќањето на довербата.
„Ние требаше да почнеме со овој пристап од 1991 година. Мора да ја разбереме позицијата на сограѓанинот“, додаде тој.
„Само така, на тој начин, општеството ќе биде спремно за големото европско семејство. И секако дека тие коишто влијаат во креирањето на јавното мислење имаат најголема одговорност. Не е коректно, националните стремежи на една група да бидат во функција на исполнување само на други национални стремежи. Мора да изнајдеме начин за содејствување едни со други“, заклучи Алити.
На конференцијата #Перспективи2019 воведни излагања имаа германскиот амбасадор Томас Герберих, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, проф. Мирјана Најчевска, Џевдет Хајредини (поранешен министер за финансии), Александар Кржаловски (МЦМС), Мерсиха Смаиловиќ (Легис), Кочо Андоновски (Центар за поддршка на ЛГБТИ+) и Фатон Алити. Од ЦИВИЛ зборуваа Биљана Јордановска, Дехран Муратов и Џабир Дерала.
М. Ивановска
камера: Ариан Мехмети
монтажа и фотографија: Биљана Јордановска