Американски воени офицери денеска набљудуваа заеднички воени вежби меѓу Русија и Белорусија, а белорускиот министер за одбрана Виктор Кренин им рече дека можат да разгледаат „што и да е од интерес за нив“, објави Ројтерс.
Русија и Белорусија ја започнаа вежбата „Запад-2025“ на полигоните за обука во двете земји во петокот, во време на зголемени тензии со НАТО, два дена откако Полска собори руски беспилотни летала што влегоа во нејзиниот воздушен простор.
Присуството на Американците на полигон за обука во Белорусија беше претставено од белоруското Министерство за одбрана, како изненадување, пренесе Ројтерс.
„Кој би помислил како ќе започне утрото на уште еден ден од вежбата „Запад-2025“?“, се вели во соопштението, во кое се наведува нивното присуство меѓу претставници од 23 земји, вклучувајќи две други земји-членки на НАТО – Турција и Унгарија.
Министерството објави видео на кое се гледаат двајца униформирани американски офицери како му се заблагодаруваат на Кренин за поканата и се ракуваат со него.
„Ќе покажеме што е од интерес за вас. Што сакате. Можете да одите таму и да видите, да разговарате со луѓето“, им рече министерот на Американците, кои одбија да разговараат со новинарите.
Присуството на американските офицери е најновиот знак за затоплување на односите меѓу Вашингтон и Белорусија, близок руски сојузник кој ѝ дозволи на Москва да ја користи нејзината територија за да испрати десетици илјади војници во Украина во февруари 2022 година.
Д. Т.