„Ангела Mеркел успеваше во текот на својата политичка кариера цврсто да стои и прeд оние предизвици пред кои многумина (мажи) би се сопнале. А сега, светскиот менаџер за кризи се повлекува“ заклучува Си-ен-ен.
Во текот на својот мандат Ангела „имала работа“ со петмина британски премиери, четворица француски претседатели и седуммина италијански премиери, како и со новоизбраниот претседател на САД, претседателот Џо Бајден.
И покрај своите константни резултати во политиката, Ангела Меркел, лидер на четвртата најмоќна економија во светот, поголем дел од својата политичка кариера го помина во постојано докажување. Нејзините колеги од исто така моќните држави во повеќе наврати безуспешно се обидуваа да ја совладаат, да ја покорат, па дури и да ја понижат.
Рускиот претседател Владимир Путин во една пригода на состанокот со канцеларката Меркел дошол со својот пес, иако добро знаел дека Ангела уште од детството се плаши од кучиња. По состанокот, Меркел мирно изјавила: „Го разбирам зошто мора да го прави тоа – да докаже дека е маж. Тој е исплашен од својата сопствена слабост.“
Доналд Трамп ѝ рекол дека е глупава, а Силвио Берлускони ја оставил на состанокот да чека 15 минути додека тој си зборувал на мобилниот телефон.
Кога во 2005 година стана прва жена на највисоката политичка позиција во Германија, многумина ја сметаа за премногу неискусна за таа функција, нехаризматична и со „краток рок на употреба“. Германскиот Билд, еден од водечките медиуми, нејзиниот избор за канцеларка го проследи со фотографија под која било напишано „Мис на Германија“. Во нејзината политичка партија од каде што се искачила на премиерската функција ја нарекуваа „дас метхен“, што во превод значи девојченце (така, всушност, ја нарекувал и Хелмут Кол кога ја промовирал во врвот на партијата). Додека другите светски лидери се менуваа како на подвижна лента, нејзината популарност во Германија и Европа се зголемуваше од ден на ден. Така Меркел од „германското девојченце“ доби прекар „die Mutter“ (Мајката), како симбол на заштитничка и стабилност на Германија.“
Извадок од анализата на Александар Николиќ Писарев „Печат на времето: Ангела Меркел, повеќе од државник“, објавено на 29 март, 2021 на ЦИВИЛ Медиа.