„Соединетите Американски Држави се 25 години вистински пријател на Република Северна Македонија, кој на дело ја покажува важноста на градењето на мостови меѓу државите. И иако не се само бројките тие што ја покажуваат посветеноста на народот на САД на просперитот на партнерската држава на Балканот, тие се импресивни“, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на првата официјална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави Кејт Мари Брнз.
„САД преку УСАИД имаат инвестирано 640 милиони долари во програми кои создадоа нови работни места, поддржаа слободни и фер избори, ги подобрија меѓуетничките односи и придонесоа за вклучување на маргинализирани и ранливи групи“, изјави Ангеловска.
Министерката нагласи дека како човек кој доаѓа од приватниот сектор, гледа на овој проект како значајна алатка која им помага на фирмите да станат поконкурентни.
Ангеловска го реафирмираше значењето на поддршката на САД во интеграцијата на нашата земја во НАТО и ЕУ и очекувањето за поттикнување на економскиот раст. На средбата беше разговарано и за други клучни прашања од македонско – американската соработка.
Амбасадорката Брнз го поздрави позитивниот и енергичен став на министерката како пристап со кој навистина може да се менуваат институциите и целокупната култура на работење.