Владата и Министерството за образование пред четири дена го презентираа новиот Закон за образование, посебно делот за инклузија на децата со посебни образовни потреби во редовниот образовен процес.
Токму прашањето на инклузија предизивка реакции во јавноста, која навидум се подели на „за“ и „против“ инклузија на учениците со посебни образовни потреби во редовната настава.
ЦИВИЛ Медиа ги праша граѓанките и граѓаните во Скопје што мислат за овој предлог на МОН и на Владата.
„Моето искуство покажува дека тоа не е изводливо. Моето искуство вели дека доколу имате деца со посебни потреби, тие бараат посебни третмани и тогаш професоите, наставниците нема да можат да работат во исто време на два колосеци што значи дека или ќе трепат децата што имаат посебни потреби или ќе трпат тие што имаат нормални потреби. Практично невозможно е професор да работи на два начини во исто време… доколку се ангажираат професори и лица што се специјализирани можеби таа инклузија ќе успее, ама многу тешко дека тоа ќе се случи“, изјави еден граѓанин кој воедно е и професор. Тој смета дека проблемот е во системот и немањето волја да се имплементираат процесите до крај.
Друга граѓанка смета дека инклузијата е потребна и пожелна, но мора да има посебни едукатори кои дополнително ќе придонесат децата со посебни образовни потреби да можат да ја следат програмата.
„За некои деца можеби ќе прифатам, за сите не верувам. Затоа што мал некој проблем да искрсне со некое дете веднаш ќе го исмејуваат. Тоа ќе биде тешко и за тоа дете и за родителите…“, е мислењето на една граѓанка.
Генерално граѓанките и граѓаните се согласуваат дека инклузијата е пожелна и потребна, не се сигурни колку образовниот систем се спремен да ги имплементира промените што би настанале во наставната програма.
Биљана Јордановска
Камера: Ариан Мехмети