ЦИВИЛ направи анкета во Дебар и Центар Жупа и ги праша граѓаните што мислат за Европа, односно за европските вредности.
„Ако влеземе во Европа нема да биде вака како што е сега, ќе има вработувања, ќе се подобри економијата, младите нема да заминуваат во странство, граѓаните ќе имаат пари да си ги подмират сметките“, вели еден граѓанин на Дебар, на прашањето на ЦИВИЛ – Зошто Европа?
„Сите сакаме да одиме во Европа, сите имаме деца таму, знаеме каков е животот и условите за живеење таму. Ние и да влеземе во Европа зависи кој ќе раководи со државата, односно дали ќе ги применува европските закони“, вели една граѓанка на Дебар.
Еден граѓанин од Центар Жупа вели дека 30 години работел во Европа и смета дека нашата земја заслужува да стане дел од европското семејство и на тој начин нема да заминуваат младите од државата.
„Животот ќе се подобри ако влеземе во Европа, сега нема ништо тука, сè е пусто. Не само во Центар Жупа, и во Дебар видовте дека сè е празно. Цела фамилија ми е замината во странство, сам живеам тука и верувајте многу ми е тешко. Џабе се овие големи куќи, згради, кога нема луѓе во нив, кога се празни“, вели еден граѓанин од Центар Жупа.
Истото мислење го споделија и останатите жители на Центар Жупа дека сите заминуваат од државата бидејќи во Европа има подобри услови за живеење. Тие сметаат дека егзодусот ќе запре кога Европа ќе дојде кај нас.
Мелиса Муриќ
текст, камера и монтажа: Дехран Муратов