Со членството во Европската унија граѓан(к)ите на Охрид и Струга очекуваат владеење на правото, зголемување на економскиот стандард и искоренување на говорот на омраза.
„На нас како народ малку ни треба за да влеземе во ЕУ“, вели еден граѓанин од Охрид.
„Некои земји што влегоа во ЕУ како што се Романија и Бугарија не беа спремни да влезат, но со политичка одлука станаа дел од Европа. Нашата држава ги исполнува условите и е спремна за отпочнување на преговорите. Со влез во ЕУ очекувам владеење на правото, обединета Европа како што се САД каде што нема да има граници, ниту некој ќе гледа која националност или етничка припадност си, или како се викаш, значи тоа е замислата и целта“, вели друг граѓанин.
Граѓанин од Струга смета дека со влегувањето во ЕУ ќе биде добро за сите, односно ќе биде како во поранешна Југославија каде што имало „братство и единство“.
Друг граѓанин смета дека Европската унија ќе нè прими кога политичарите ќе бидат чесни. „Европа бара да си добар и да работиш чесно“, додава тој.
Еден охриѓанец смета дека со влез во ЕУ ќе се зголеми стандардот и владеењето на правото.
„За две-три години нема да станеме Германија, но побрзо ќе одиме напред, ќе ни се зголеми стандардот, ќе имаме поголеми демократски вредности, говорот на омраза ќе се исткорени бидејќи ќе му биде срам на човек да напише или каже такво нешто“, додава тој.
Мелиса Муриќ / Арбен Зеќири
камера и обработка на текст: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети