Поради анонимна закана за поставена бомба, од утрово се затворени двата терминала на аеродромот во Софија, јавија бугарските медиуми, пренесува МИА.
Аеродромот бил алармиран околу девет часот по локално време, но не е прецизирано за кој од двата терминали станува збор.
Поради таа причина и од двата терминала се евакуирани лица, соопшти прес-центарот на Министерството за внатрешни работи, што во моментот спроведува истрага.
Во најновото соопштение од аеродромот се наведува дека не е пронајдена експлозивна направа или опасни материи и на патниците им дозволено да се вратат на терминалите.