Комисијата за спречување на корупција на јавна седница денеска ќе одлучува по неколкуте приговори во врска со разрешувањето на поранешните директори на државните институции поставени од ВМРО-ДПМНЕ, и именувањето на нови од Владата предводена од СДСМ.
Сите приговори се однесуваат на членот 8-а од Изборниот законик, со кој се предвидува дека по распишувањето на избори, не може да се започне постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.
Комисијата најпрво ќе го разгледува приговорот на Димче Стојаноски од Кичево против Генералниот секретаријат – Влада на Република Македонија. Втор на дневен ред е приговорот на Слободанка Алексовска против Агенцијата за вработување на Република Македонија, а трета точка е приговорот на Александар Колевски и други, против Генералниот секретаријат – Влада на Република Македонија.
Комисијата веќе едногласно го кажа своето мислење, со тоа што реши дека разрешувањето на Зврлевски е незаконско во период по распишување на изборите. Оттаму, неколку пати го повторија својот став дека било какво разрешување по распишување на изборите е спротивно на Изборниот законик.