„Не сме задоволни од работата на судот во нашите предмети“, изјави Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на денешниот настан во организација на невладината организација „Сведок“.
„Ние ги образложуваме сите предлози за притвори, но како што знае јавноста, од одреден број на судии се одбиваат на ист начин, иако ние точно ја следиме судската пракса и европската пракса за тоа како се бара притвор и други мерки за обезбедување на осомничени. Не сме задоволни од работата на судот во нашите предмети. Судот и судиите кои ги наведовме јавно, без разлика во кое време го поднесуваме барањето, секогаш одредено лице, одреден судија одлучува по нашите барања… На овој начин судијата може да ја злоупотреби својата службена должност и овластување кога се работи за висока корупција која ја истражува СЈО за високи функционери од власта. СЈО не гони обичен криминал, гони криминална група која се наоѓа на врвот во власта во Македонија и тоа мора да се сфати од судот како трета судска власт која треба совесно, чесно и професионално да си извршува својата службена должност. Во случаите на СЈО, тоа не е така, изјави Јанева на презентацијата презентацијата на истражувањето на НВО „Сведок“ за неосновано притворените лица во Македонија.