МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Мислам дека на феноменот Арачиново треба да се погледне и од една друга перспектива.
Според мене тоа што државата не реагира на ситуацијата во која не се собира данок, не се плаќа струја и отсуствува исполнување на некои елементарни обврски кон државата, претставува многу лукава игра на политичките партии.
Прво, на овој начин тие создаваат постојан извор на меѓуетнички конфликти и говор на омраза. Во секој момент може да биде пуштена информацијата за различното постапување и за “бенефициите“ кои ги добиваат жителите на Арачиново и тоа да се искористи во насока на разгорување меѓуетничка нетрпеливост која ги потиснува на втор план заедничките проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Македонија независно од етничката припадност.
Второ, вршат системска корупција на граѓаните кои ги поткупуваат со навидум привилегиран статус и простување на прекршувањето на законите. Со тоа го ставаат во заложништво целокупното население на Арачиново. Сите оние кои не сакаат да го прекршуваат законот однадвор се перципираат како исти со прекршителите, а одвнатре трпат социјален и економски притисок или да го прифатат прекршувањето како нужност или да станат дел од прекршувањето. Посебен продукт на системската корупција е обезбедувањето гласови на секои наредни избори, под закана дека ќе бидат казнети за дотогашните прекршувања или пак ќе им бидат одземени наводните бенефиции.
Трето, партиите на овој начин обезбедуваат постојан извор на средства, односно, прикривање на сопствените криминали кои ги изведуваат благодарение на заробените граѓани. Имено, Арачиново е една од општините во која континуирано се слеваат големи средства од државната каса, под називот проекти, изградба на инфраструктура и подобрување на животот на населението, без видлив резултат.
Интересен пример е решавањето на проблемот со отпадните води во општина Арачиново. Станува збор за сага во која секоја власт доаѓа со решение, заминува со потрошени милиони и сосема нејасен резултат.
Во 2012 година, преку Министерството за животна средина и просторно планирање владата се обврзала да обезбеди 39 милиони денари (околу 630.000 евра) за решавање на проблемот со отпадните води во Арачиново.
По една година во изборната програма на градоначалникот Брахим Ајвази во 2013 година главен приоритет му било решавањето на проблемите со канализацијата во Арачиново.
Во 2013 Цвет компани со АК Инвест направиле реконструкција на одводниот канал во Арачиново за што добиле 1 милион 440 илјади евра.
Во 2015 година “со официјално предавање на користење од страна министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири на градоначалникот на општина Арачиново Брахим Ајвази се означи завршувањето на реконструкцијата на ободниот канал во Арачиново. За реализација на проектот Министерството за животна средина и просторно планирање обезбеди од својот буџет средства во висина од 89 милиони денари, (што е 1,45 милиони евра), а исто така ја подготви и целокупната документација потребна за неговата изведба.“
На 24.09.2017 година “… во просториите на Министерството за животна средина и просторно планирање, министерот Садула Дураки потпиша договор со претставникот на Друштвото за градежништво, транспорт, трговија и услуги ЈУ-БАЈ од Скопје“. Со проектот се предвидува изградба на примарна канализациона мрежа во Арачиново (составена од 7 основни и 5 помошни краци со должина од 3030 метри) во вредност од 35 милиони денари (околу 570 илјади евра).
Во 2019 година е објавен оглас за јавна набавка – изградба на примарна фекална канализација за населено место Арачиново, општина Арачиново. Врз основа на овој оглас склучен е договор со Друштво за градежништво и трговија ЖИКОЛ ДООЕЛ експорт импорт Струмица во вредност од 105 милиони денари – 1.7 милиони евра (што потоа во два наврати е променето и станува 111 милиони денари или околу 1,8 милиони евра) и според објавеното овој договор е потполно извршен на 20.09.2021 година. Што значи дека е изградена примарна фекална канализација во Арачиново.
На 25.06.2020 година претставници на Владата прават увид во градежните работи на примарна фекална канализација во Арачиново. Според премиерот Спасовски “паралелно работат екипи на две локации“ и “изрази увереност дека со ова темпо изградбата на примарната канализација за населеното место Арачиново, во должина од нешто повеќе од 10 километри ќе заврши и пред предвидениот рок, кој е определен во март 2021 година“.
Тоа значи дека во септември 2021 година општина Арачиново има одводен канал за отпадни води и канализација.
На 30.12.2021 година жителите на Арачиново се надеваат дека со промена на власта работите ќе тргнат на подобро, бидејќи, и по сите овие години, главен проблем останува водата и канализација.
На 30.09.2021 година Наим Синани, кандидат за градоначалник на Арачиново од коалицијата АА / Алтернатива, изјавува дека “прашањето за канализација во Арачиново е предизвик само по себе за идните лидери, кој и да ја преземе функцијата“.
Во периодот од 12.02.2022 година до 21.02.2022 година за Акционерското друштво Водостопанство на Република Северна Македонија, во државна сопственост Скопје се приклучи на иницијативата на градоначалникот г. Ридван Ибраими за чистење на отворениот Ободен канал за одводнување, на територијата на општина Арачиново.
Последното издвојување на Владата од 1,1 милион евра (кое го објави на својот ФБ статус вицепремиерот Артан Груби) е направено за санација на каналот за отпадни води во општина Арачиново.
Без податок за потрошените пари од „Водостопанство“ во 2022 година, значи од 2012 – 2021 година се наменети/потрошени 7, со зборови седум милиони евра!
Не знам дали во моментов Арачиново има водовод (според последните изјави на жителите на Арачиново „Главниот проблем е што Арачиново нема водоснабдување и сите се снабдуваат само од бунари, а бунарите работат само на струја, па кога немаме струја, цело Арачиново нема ни вода“) и канализација. Не знам дали има или нема изграден одводен канал. Не знам за што се потрошени сите до сега издвоени пари и како ќе се потрошат сега издвоените 1,1 милион евра и сигурно барем уште неколку милиони евра кои ќе бидат издвоени за градење на канализација и обнова или чистење на одводниот канал, во наредните години.
Во секој случај не очекувам партиите во скоро време и по сопствена волја да се откажат ниту од добрата бизнис зделка Арачиново, ниту од можноста за искористување на Арачиново за неказнето поттикнување национална и етничка нетрпеливост.
Меѓутоа, очекувам, или барем се надевам, жителите на Арачиново да почнат да ја разбираат стапицата во која што се наоѓаат (а која нема никаква врска со етничката припадност туку со неказнивоста на државно поддржаниот криминал).