Премиерот Зоран Заев повика на дебата за декриминализација на марихуаната. Го слушнавме и гласот од граѓанските организации кои ја поддржуваат оваа иницијатива веќе подолго време и бараат итна декриминализација на канабисот. ЦИВИЛ Медиа постави прашање до портпаролот на Владата, Душко Арсовски за тоа дали Владата е подготвена да ја започне оваа дебата и во кој формат? Постои ли план за реализација на конкретни чекори за декриминализација на канабисот и во која временска рамка се предвидува овој процес?
Арсовски одговори дека Владата е отворена во секој момент да разговара за суштински решенија за декриминализација и депенализација преку измени во Кривичниот законик и Законот за прекршоци.
„Потребно е секако да има широка стручна дебата каде ќе бидат вклучени сите засегнати страни, институции, граѓански здруженија и медицинската фела. Треба да се видат ефектите од користењето, системот за контролирање, како ќе се контролира/изведе, ова е процес каде е неопходен ставот на сите. Од Владата е предложено донесување на измени и дополнување на Законот за опојни дроги, ќе се овозможи извоз на цветот канабис за медицински цели кои со ќе се поттикнат нови инвестиции, развој и нови работни места. Во овој момент одгледувањето на канабис е дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за истото, издадено од Министерството за здравство, а претходно со добиено согласност од Владата. Досега има издадено 55 одобренија, на фирми за одгледување канабис за медицински цели, додека 17 имаат поднесено барање кои се на повторен увид во владина процедура“, истакна Арсовски.
А. П.