Како што започнуваат новите трговски тарифи на американскиот претседател Доналд Трамп за Кина, Мексико и Канада, предизвикувајќи нова трговска војна, земјите од сложениот и интегриран глобален синџир на снабдување во Азија се на нишан, пренесува Ројтерс.
Со изложеноста на Азија на американските царини врз Кина и ескалирачката трговска војна, која треба да влијае на извозот и растот во регионот, Виетнам, Тајван и Тајланд се најизложени на зголемените царини на САД поради нивниот висок однос на извозот и БДП со Соединетите држави.
Со тоа што Трамп предложи тарифи насочени кон секторите како што се полупроводници, фармацевтски производи, челик и алуминиум, најголемата инвестициска банка и брокерска група во Јапонија, Nomura очекува дека може да биде засегната над една четвртина од извозот од Јужна Кореја, Јапонија, Малезија, Филипини и Тајван.
Малезија, Јужна Кореја и Тајланд се повеќе поврзани со северноамериканските синџири на снабдување, што ги прави ранливи на американските царини за Канада и Мексико.
Во Малезија, 0,59% од БДП е поврзан со трговијата што додава вредност на канадскиот и мексиканскиот извоз во САД, што е најголем удел меѓу азиските економии, покажуваат податоците.
Додека тарифите на Трамп ги таргетираат трите земји за да се справат со трговските нерамнотежи, нациите со најголем трговски суфицит со САД се исто така изложени на ризик од дополнителни царини. Во Азија – Кина, Виетнам, Јапонија и Тајван имаат најголем трговски суфицит со САД, според неодамнешниот извештај на американското Министерство за финансии.
Некои азиски економии, исто така, се соочуваат со ризици од реципрочни царини, бидејќи претседателот Трамп ги насочува плановите за контратарифи на земјите кои воведуваат повисоки царини за увозот од САД од оние што ги наметнуваат САД.
„Ако сегашната американска администрација одлучува за реципрочни тарифи само врз основа на ефективната тарифна разлика, веројатно е дека во Азија, Индија, Тајланд и Јужна Кореја ќе бидат најзагрозени и би можеле да се соочат со дополнителни царини од околу 5 ппти“, се вели во извештајот на Oxford Economics.
Подготви: Д. Мишев