Данијела Баришиќ, амбасадорка на Хрватска, гостуваше на панел дискусијата „Македонија во НАТО: Задачи, предизвици и можности“ во организација на ЦИВИЛ, каде уште во воведното обраќање ја потенцираше потребата од партнерство од една страна, но и едукација за тоа што претставува членството во НАТО, од друга страна.
Пред присутните гости и медиумите, Баришиќ, направи паралела со хрватското искуство и важност да се биде дел од НАТО и од ЕУ.
„НАТО не е само воен, туку и политички сојуз. Точно се прави проценка на одбранбените способности на земјите, но на крајот се сведува на политика. Односно, како стоите со владеење на правото во државата, колку се стабилни институциите, колку се почитуваат граѓанските и основните човекови права и слободи “, изјави амбасадорката Баришиќ.
Амбасадорка на Хрватска, истакна дека ваквите трибини или дискусии се исто така, добар начин граѓанките и граѓаните да се запознаат, да се едуцираат, за тоа што всушност значи да си член на НАТО и што всушност претставува НАТО.
„Подготвувајќи се за овој настан, читав некои истражувања, според кои голем број на невладини организации, всушност беа против влегување во НАТО. Причините беа, нема војна, никој нема да не загрози, слободни сме, нема потреба… Меѓутоа тоа беше пред 10 години кога не постоеше, во ваков облик, меѓународен тероризам, не постоеше ИСИЛ, кога не постоеше ваков страв од миграции, значи сѐ се менува. Исто така, постои страв дека, еве сега ќе се изградат НАТО бази и нема повеќе туризам“, изјави Баришиќ, наведувајќи неколку примери за неоправданост на стравот од затворање на земјата за туристи.
„Не е едноставно да го намалите стравот и да ги решите сите проблеми. Но, сепак, во соработка со партнерите, пријателите и сојузниците тоа може да се постигне… Многу е поедноставно да сте во група која дели исти вредности како и вие, отколку кога сте сами“, потенцираше Баришиќ.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ермин Климента