Со измени на Законот за јавно приватно партнерство и концесии се создадени услови 49,7 милиони евра што турски ТАВ требаше да ги вложи во изградба на карго аеродром во Штип да се пренаменат за проекти од јавен интерес на државата.
Министерот за економија Крешник Бектеши по денешната средба со извршниот директор на ТАВ Македонија, Алер Ерсој најави дека законските измени овозможаат да се склучи анекс на Договорот за концесија со ТАВ, со што од почетокот на следната година би можеле да се користат пренаменетите средства. Тие ќе се трошат за изградба на водоводна и канализациска мреже, градинки, училишта, општински згради. Општините веќе ги доставуваат проектите, Владата ќе подготви листа и откако ќе бидат одобрени од Министерството за транспрт и врски за нив ќе може да се добијат пари од пренаменетета сума.
– Анализите покажуваат дека изградбата на карго-аеродромот во Штип не е економски оправдана и сакаме тие средства да ги пренамениме за проекти од јавен интерес за подобрување на животот на сите граѓани како што се училишта, градинки, водоводи, канализации и реконструкција на општински згради се со цел да се олесни пристапот до услуги за граѓаните. Се работи за сума од 49,7 милиони евра, изјави Бектеши по средбата.
Владата има список на проекти кои се приоритетни за реализација а се доставени од општините. Кога ќе се потпише анекс-договорот ќе бидат објавени и проектите кои што ќе се реализираат и динамиката за нивна реализација.
– Сите општини веќе имаат доставено проекти. Како Влада треба да утврдиме програма која ќе ја доставиме до менаџментот на ТАВ со динамика на реализација. Генерално преговорите одат во насока реализацијата на проектите да се изврши во рок од три години, почнувајќи од наредната година, рече Бектеши и додаде дека ТАВ ќе почне со процедурите за реализација на проектите откако од страна на Министерството за транспорт и врски и општините ќе бидат изготвени дозволите за градба.
Ерсој истакна дека се согласуваат со одлуката на Владата средствата да се реалоцираат за проекти од корист на граѓаните. – Дискутиравме со министерот за правните аспекти околу релокација на средствата што беа наменети за изградба на карго аеродоромот во Штип. Претходно имавме состаноци премиерот и министерот за транспорт и се надеваме дека наскоро ќе најдеме правна рамка за пренамена на овие средства во други проекти што ќе бидат од интерес на македонската јавност, изјави Ерсој.
Тој нагласи дека во бенфит на ТАВ е наместо да се вложат парите во изградба на карго аеродром во Штип, кој нема економска исплатливост и нема позитивно да придонесе за економијата на земјава, да се релоцираат за проекти кои ќе бидат од корист за граѓаните.
Ерсој најави дека поради драстичниот пад на бројот на патниците и приходите како резултат на ковид кризата ќе поднесат барање до Владата за одредени бенифиции доколку ги исполнуваат условите.
Авиосообраќајот, потенцираше тој, е една од најпогодените индустрии од кризата. Аеродрмите беа затворени за патнички сообраќај од март до јуни, а по повторното отворање, како што информира Ерсој, на Скопскиот аеродорм имаат само 1,5 отсто од планираните патници, а на Охридскиот 15 проценти, со што приходите се намалиле драстично.
– Ќе поднесме барање и ако Владата процени дека ги исполнуваме условите ќе добиеме одредени бенефиции од државата. Очекуваме кризата да потрае најмалку до март додека не почне да се применува вакцината на луѓето. Во нашето најоптимистичко сценарио очекуваме во мај и јуни да почне да се подобрува ситуацијата, рече Ерсој.
ТАВ Македонија управува со аеродромите во Скопје и во Охрид веќе 10 години. Откако испитувањата покажаа дека нема можности за реализација на карго аеродромот, од ТАВ пред почетокот на пандемијата најавија дека 10 милиони евра од парите за карго аеродормот ќе вложат во проширување на аеродромите во Скопје и во Охрид, а 35 во инфаструктурни проекти.
Дваесетгодишниот Договорот со ТАВ за управување со аеродормите е со важност со 2030 година. Законот дозволува концесија до 35 години. За продолжување на концесијата и по нејзиниот истек во 2030 година планираат да почнат преговори за натамошни инвестиции и да добијат дополнителни 15 години.