Последново деноноќие, едно чудо народ во Македонија се огласи на ФБ, тоа наше современо сретсело или уште поточно, тој наш современ ат пазар на кој се купуваат и продаваат ега и суети. Сѐ што мрда, и шуто и рогато, и ќоро и сакато, и писмено и неписмено, и оној што го знаел и оној што не го знаел, и оној кој работел со него и оној кој испуштил можност креативно да спори со Горан, и оној што е повикан и оној што е неповикан да говори, се источка и се најде битен да каже збор-два или да нашкраба цел пасус за ненадејната смрт на Горан С. И сето тоа, на некој начин, е сосема в ред. Секој има демократско право да говори. Слободата на говорот е неприкосновена.


Меѓутоа, малкумина, во тие свои сеќавања, говорат за Горан. Малкумина говорат за тоа кој бил и кој е Горан С. Тие повеќето говорат за ЈАС и Горан. Односно, сите тие „искрени“ изливи на тага по заминатиот, (за мртвите сѐ најдобро, нели), сето тоа патетично лигавење, се повеќе воспевање на своето его и на егото во животот и смртта на Горан С., отколку вистинска жал и вистинска слика за тоа колку го познаваат човекот за кого говорат. Оние, пак, што навистина добро го познаваат и кои често соработувале со него, како Унковски на пример, загубата достоинствено ја чуваат во себе, без многу паради и мудрувања. Висинските загуби се интимни и немаат зборови со кои се опишуваат.
Од друга страна, скриен зад целата таа национална жалост, овој голем панаѓур на големи ега и суети, и на мали риби во смрдливата Македонска бара, всушност ни ја открива и мизеријата во која се препелка Македонија. Немајќи веќе никаков вредносен систем, немајќи веќе херои и модели за пример со кои ќе се гордее, немајќи хоризонт на надеж, чезнејќи за некое подобро утре, кое никогаш нема да стигне во Македонија, македонскиот измамен и изманипулиран плебс, едноставно се идентификува со Горан С., поради тоа што тој, едноставно, е еден од последните вредни творци кој остава некаква трага зад себе. А со таа идентификација со заминатиот, таа огромна аморфна маса создадена од јас па јас, која има толку многу снага и енергија да се самосожалува, а не да се бори за себе, всушност, само се обидува да се искупи за својата немоќ и своите пропуштени можности. Токму затоа и толку многу глуми жал, или како што би рекол Горан и на чија што мисла многумина се повикуваат: „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“.
Горане С., ти кој што доцнеше на семејни вечери и прослави, ти кој стоеше во сенка и од таму, од твоето сеирење, молчешкум го вивисекцираше билото на твојот збунет, изгубен и замаен народ, биди среќен што на средбата со сопствената смрт стигна некако предвреме. Не ти требаше тоа, но добро е што е така. Нема да го видиш исчезнувањето на твојот народ.
П.С. Штета што новата „Бушава Азбука“ стигна само до првите неколку букви… Има ли некој предзнак и во тоа….?!
(Наум Пановски е театарски режисер и драматург, професор по глума, режија, теорија и критика. Живее и работи во САД)
Илустрација: Постер од заедничката претстава „Сараево“ на Горан Стефановски и Наум Пановски во Undermain Theatre во Далас, САД, јули 1995 година
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.












