Голем број белградски средни училишта за денеска најавуваат пленуми, а голем број професори синоќа добиле пораки со покани да присуствуваат на тие собири на кои ќе се разговара за блокада, јавија белградските медиуми, пренесува МИА.
Ккао што објави Данас, ученици, нивни родители и наставници стапиле во контакт со редакцијата на медиумот и сведочеле за пораките што кружат во групите на Вибер, во кои најавуваат блокада на наставата во училиштата во знак на поддршка и солидарност со студентите.
Студентите блокираат работа на факултетите, бараат одговорност за несреќата на железничката станица во Нови Сад и казна за оние кои ги нападнаа студентите за време на оддавањето почит за жртвите од таа трагедија.
Како што јави Данас, најавени се пленуми во Петтата, Првата, Осмата, Гимназијата „Свети Сава“ и во Обреновац, а на своите врсници планираат да им се придружат и матурантите од Дванаесеттата гимназија.
Во некои белградски средни училишта во петокот беше прекината наставата каде според содржината на пораката што ја добија професорите од матурантите, блокадата продолжува и денеска.
Со оглед на тоа што Владата не презеде соодветни мерки за зголемување на безбедноста во училиштата, членовите на Самостојниот синдикат на просветните работници на Србија (НСПРС) влегуваат во третата фаза од белиот штрајк – ќе заклучуваат оценки „Одличен 5“ на сите ученици на полугодие, соопшти синдикатот.
Тие ги повикаа сите наставници да го искористат своето законско право и да им впишат одлични оценки на своите ученици, бидејќи тоа ќе испрати силна порака до јавноста и до носителите на одлуки дека наставниците нема вечно да чекаат институционални заштита со скрстени раце, работа во услови на секојдневно вербално и физичко насилство, јавија српските медиуми.
Третата фаза од белиот штрајк е и најава за можен „црн штрајк“ во второто полугодие, што подразбира отсуство на конечни оценки на крајот од учебната година.
Членовите на синдикатот во моментов гласаат за целосен прекин на работата в петок, 20 декември, со оглед на тоа што едночасовните прекини со работа во петокот на 6 декември и петокот на 13 декември не резултираа со побара прекин на срамните изјави на државните функционери за учениците и наставниците и оставка од министерката за образование Славица Ѓукиќ Дејановиќ, наведуваат медиумите во Србија.
Самостојниот синдикат на просветните работници на Србија претходно ги поддржа барањата на студентите кои ги блокираа факултетите и ги повика наставниците да им се придружат.