Претседателката на Генералното собрание на ОН, Аналена Бербок, повика на почитување на основните принципи на Повелбата на ОН, непосредно пред израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска да се обрати на светските лидери во Њујорк.
– Анексијата е забранета, исто како што е забрането според хуманитарното право да се користи хуманитарната помош како оружје во војна, изјави поранешната германска министерка за надворешни работи за ДПА. Таа нагласи дека е итно потребно примирје во конфликтот во Газа „за да се ослободат заложниците и да се овозможи хуманитарна помош да влезе во Газа.“
На прашањето дали очекува Нетанјаху да ја објави анексијата на Западниот Брег, Бербок рече дека не може да ги предвиди неговите изјави. Таа додаде дека минатата година Нетанјаху одржал говор во ОН по кој следеле нови напади врз Либан.
Бербок потенцираше дека Повелбата на ОН и ставот на мнозинството држави членки се јасни: „Секоја земја во светот има право на самоопределување“. Таа потсети на раните резолуции на ОН со кои се повикува Палестинците да живеат мирно во своја држава покрај Израел.
Со тоа што сè повеќе земји ја признаваат палестинската држава – чекор на кој Нетанјаху жестоко се спротивставува – Бербок рече дека очекува „многу интензивен говор“.
Таа, исто така, го поздрави најновиот предлог на американскиот претседател Доналд Трамп за мир на Блискиот Исток, велејќи дека секоја иницијатива за постигнување решение е „неопходна“ и една од најитните задачи на ОН.