Многу се оптеретивте деновиве, а? Богами и јас. Милион верзии, сценарија, теории…
Како бе го направил тоа, како избегал, кој му помогнал. Можеби и бил киднапиран. Кој знае, малку ли ги има… Вонземјани, ЦИА, Секуритате…КГБ? Ким (не мислев на зачинот)? Сѐ е можно… гледав еден таков филм… море повеќе од еден.
Викаат дека преку сонот човекот ги доживува оние работи што на јаве обично ни се случиле или не ни се случиле или допрва би можеле да ни се случат… а не мора. Комбинации многу, отприлика колку што има и толкувачи на соништа. Во сонот се скриени сите наши желби (реални и не реални), а тука се и сите нашите стравови или стравувања (реални или нереални). Како и да е, сите на крајот ќе се сложат дека потсвеста се игра со нас. Обратно нема шанса.
Кога сме веќе кај желбите и стравувањата овој мој последен сон никако не можев да го дефинирам… ама затоа со леснотија го дешифрирав.
Сонував како сред бел ден во Веро ме киднапираат Бил Гејтс и Марк Цукерберг…
Додека чекав ред на каса ми се прикрадуваат од зад грб, ме успиваат со газа натопена во хлороформ…
Од маркетот ме изнесуваат во количка за артикли и ме пикаат во кола со затемнети стакла…
Потоа, Бил со празната количка се враќа во маркетот за да си ги поврати петте денари што претходно ги уфрли за да ја земе количката…
По некое време (врска немам колку помина оти спиев, а и уште сум во полусон), заклучувам дека сум во хелкоптер. Абе милион посто сум сигурен дека сум во хеликоптер, зашто ептен се разбирам во механика (ротор, статор, патор и сл.). Летавме некое време, па после се качивме во авион (млазен)… и тоа без да слетуваме туку тоа го направивме во воздух. (не ме прашувајте како, ништо не видов, ама гледав еден филм па претпоставив) и на крај седнавме на чамец…
Веќе сум разбуден. Проблемот е што имам црн повез преку очите и не можам да гледам, ама скоро 100% сум сигурен дека не беше обичен чамец со тенда, туку тркачки глисер или супер јахта зошто, иако не гледав, чувствував дека од брзината косата ми леташе…
Успоруваме, пристануваме… Чувствувам топол ветер и силно сонце… ме носат уште некое време на ушка (ми се чини Марк беше, оти Бил е постар, а и кускуле е, а јас имам скоро 102 кила.)
Ме легнуваат. Аха, песок под мене… хммм… веројатно е Делиблатска пешчара во прашање.
Пред заминување, ме предупредуваат да седам мирен, да бројам до 100 па дури после тоа да си го симнам превезот.
Кога го симнав немаше никој околу мене. Мислам имаше некои луѓе што си бркаа свои работи но нив двајцата ги немаше. Едноставно исчезнаа. Се вртам лево, десно, позади… Аууу, плажа, море, палми, егзотично бе некое место, далеку од Делиблатска…
Не поминаа ни 15 минути кога веќе почна да ме обзема некоја некомотност… Гледам во чашата со коктел… „Мммм, требаа повеќе мраз да ми стават.“ Гледам долу и повторно по 10-ти пат фрлам поглед во внатрешноста на полуотворениот куфер. „Абе требавте и нешто ситниш да ми ставите! Сѐ некои крупни банкноти, бре да не се имало толку осет! Секоја банкнота во вредност од три илјади евра. Покрупни здравје!“
Разочаран, го затворам патентот од куферот. Нервозен му се нафрлив на келнерот во бермуди. „Мали, донеси уште еден, но овој пат со повеќе мраз!!! Шо ме глеаш…мрдни го газот!!! Жив се сварив на ова ваше Сонце, кај и да е!“
После се разбудив облеан со пот, ама и насмеан. Оти бе?