Со новиот Закон за енергетика, на регулаторот му се доделуваат сериозни ингеренции во процесот на пазарното поврзување со соседните земји со цел зголемена конкурентност, пониски цени, поголеми инвестиции, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад, Марко Бислимоски.
Тој зборуваше на панелот „Обновливи извори: Стратешки преглед на имплементацијата на обновливи извори на енергија” кој е дел од конференцијата организирана од Македонското здружение за обновливи извори на енергија (МАРЕС),
– Ние сме инволвирани во пазарното поврзување помеѓу Грција, Македонија, Албанија и Косово, преку проект на УСАИД. Главната цел е да станеме интегриран дел од паневропскиот пазар. Со новиот Закон за енергетика се оди кон либерализација на пазарите што поттикнува инвестиции. Со овој процес за пазарна интеграција нашите компании ќе имаат можност да учествуваат на пазарите во соседните земји, посочи Бислимоски.
РKE и со Законот за енергетика кој е во сила и во кој е имплементиран третиот енергетски пакет како новина воведе надзор на пазарите на електрична енергија и природен гас.
– Ние имаме развиено мониторинг платформа во која се агрегираат податоците од сите учесници на пазарот и доколку утврдиме непазарно однесување може да започнеме соодветни постапки пред судовите. Не-фер пазарно однесување ќе се казнува со дел од приходот, објасни Бислимоски.
Фото: МИА