Примената на новите технологии во земјоделството, но и во останатите сектори, може да донесат повисока продуктивност, конкурентност и создавање додадена вредност, што би било дополнителен импулс за зголемување на меѓусебната размена, истакнаа вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, на средбата со министерот за земјоделство и рурален развој, Одед Форер.
Битиќи нагласи дека постои голем потенцијал за зголемување на меѓусебната трговска размена во повеќе сектори и притоа изрази очекување за помош од Израел во пренесување искуства и знаења за примена на современи и модерни технологии за развој на земјоделството, еден од секторите во кои, како беше истакнато, може да се интензивира соработката.


Битиќи и Петров, за време на првиот ден од работната посета на Израел, беа на Азриели инженерскиот колеџ (Azrieli College of Engineering) во Ерусалим, како и на Атобе Акцелераторот (AtoBe Accelerator) формиран во рамки на Универзитетот и важи за еден од најдобрите центри за истражување и развој во земјата. За време на средбите со претставниците на универзитетот Азриели и бизнис акцелераторот Атобе, вицепремиерот и директорот се информираа за активностите кои се спроведуваат во овие институции и разменија искуства за креирање на можности за поддршка на старт-ап компаниите и унапредување на бизнис климата за стимулирање на иновации.












