Покрај САД, повеќе од 40 земји даваат директна поддршка на Украина во областа на одбраната, соопшти Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен по повод доделувањето на 1 милијарда долари воена помош за вооружените сили на Украина од страна на Администрацијата на САД, пренесува Укринформ.
„Американската безбедносна помош, како и повеќе од 40 сојузници и партнери продолжуваат да ја зајакнуваат позицијата на Украина за да ја брани нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет“, се вели во соопштението.
Дополнително, според шефот на Стејт департментот, ова придонесува за обезбедување на победи на Украина на бојното поле, како и на крајот да ја зајакне нејзината позиција на преговарачката маса.
Блинкен, исто така, потсети дека Соединетите Американски Држави и другите нации воведоа „моќни санкции“ кон Русија, го зајакнаа одвраќањето и одбраната на НАТО на источното крило и обезбедија „историски нивоа на воена и друга помош за Украина додека таа храбро ја бранеше својата територија и нејзината слобода“.
Како што објави Укринформ, во средата,Претседателот Џо Бајден најави нов пакет воена помош за Украина во вредност од 1 милијарда долари.
Според Пентагон, ова вклучува водена муниција за системи MLR, дополнителни хаубици М777, тактички камиони за нив, како и 36.000 гранати (155 мм). Покрај тоа, Украина ќе добие два противбродски системи „Харпун“, илјадници безбедни радија, уреди за ноќно гледање, нишани за термичка слика и друга опрема. Средствата беа наменети и за обука на украинската војска, одржување на опрема и други воени операции.
Подготви: Д.Мишев