Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски од денеска ја презеде функцијата министер за транспорт и врски, и согласно Законот за локална самоуправа за заменик градоначалник е назначен Јане Миланов, кој последните три години беше претседател на Советот на Општина Штип.
Бочварски на сите им се заблагодари за одличната соработка, за која, како што рече, била од корист за градот.
„Ми беше чест да бидам прв човек на мојот роден град. Благодарам на сите мои соработници, на сите кои дадовте се од себе за доброто на градот и на неговите жители. Во изминатите три години поставивме нови стандарди на водење на институцијата, работевме напорно на изработка на големи проекти кои го придвижија градот напред“, рече Бочварски.
Заменик градоначалникот Јане Миланов искажа благодарност за доверената функција и истакна дека сè што е од Бочварски започнато, во наредниот период ќе биде успешно и квалитетно завршено.