Наставничкиот пленум, со писма до министерот за образование Мила Царовска и до синдикатите СОНК (Синдикат за образование, наука и култура) и НСОН (Независен синдикат за образование и наука), соопшти дека бара зголемување на платите на наставниците во основното и средно образование и дека планира бојкот на наставата од почетокот на новата учебна година доколку нивните барања не се реализираат.
Незадоволни од висината на основната плата на наставниците, од Царовска бараат максимално да се заложи во Владата и да им излезат в пресрет на сите вработени во образованието со тоа што ќе биде обезбедено зголемување на платите во новата учебна 2021/2022 година.
“На ова барање се повикуваме како резултат на растот на цените на производите кои се користат во секојдневниот живот, како и на растот на просечната плата која е многу повисока од платите на вработените во образование. Во спротивно, ние наставниците од Наставнички пленум би биле принудени да се организираме и да го покажеме јавно незадоволството”, наведува Пленумот во барањето до Царовска.
Двата синдиката – СОНК и НСОН , Наставничкиот пленум ги известува дека загрижени поради лошата финансиска положба на вработените во основното и средното образование, планираат бојкот на наставата на почетокот на учебната 2021/2022, доколку МОН и Владата на изнајдат решение и ги зголемат платите.
-Од синдикатите бараме да го поддржат бојкотот на наставата кој го планираме од септември 2021. Сметаме дека синдикатите имаат најголема одговорност да ги штитат и унапредуваат правата на вработените и по тој повод очекуваме да нè поддржат во нашите барања и заложби, наведуваат од Наставничкиот пленум.