Државната изборна комисија заглави со приговорите на ВМРО-ДПМНЕ. До доцна во ноќта, ДИК расправаше по приговорите на ВМРО-ДПМНЕ, а остануваат за решавање и приговори од Трајно Македонско Радикално Обединување – ТМРО, Левица и Алијанса за Албанците.
Со ова темпо на одлучување по приговорите, не може да се очекува завршување на постапките во догледно време. А потоа следат и жалбените постапки пред Управниот суд.
Рокот од 48 часа за разгледување и одлучување по приговорите од политичките партии за изборите,требаше да заврши вечерва во 19 часот.
ДИК отфрли уште два приговори од ВМРО-ДПМНЕ за две избирачки места во Кривогашатни и за едно изборачко место во Аеродром. И во двата приговори, се повторуваше грешката со локацијата на избирачките места, односно наместо за избирачки места во општина Кривогаштани и во општина Аеродром беше наведена општина Прилеп.
Комисијата ќе чека да пристигне и општинска изборна комисија од Струга за да објасни зошто не е забележано дека на едно избирачко место гласал граѓанин што не бил во избирачкиот список и не се потпишал во него.
ДИК на денешната седница досега успеа да разгледа само десет приговори на ВМРО-ДПМНЕ. Од нив отфрли седум, а постапката за трите приговори сè уште се во тек.
Пред започнување на седницата беа повлечени три приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, а по десет минутна пауза седницата продолжи со одлучување на останатите 40 приговори.