„Гимназија Алгоритам е акредитирано приватно средно училиште кое постои 14 години. Јас бев ученик во Гимназијата, а сега сум професор по информатика. Од самиот старт Алгоритам е првата гимназија која има дигитализирани материјали. Се работи сѐ на компјутер и се работи според финска методологија“, вели Павлина Бучевска, професорка по информатика во ПСУ Алгоритам со која разговаравме за нивните активности во областа на мултикултурализмот и екологијата.
„Нашето училиште беше одбрано за едно од 60-те училишта од Западен Балкан да биде дел од програмата „Super schools“ што ќе се одвива во наредните пет години. Ние имаме размена со ученици од ПСУ „Старт“ од Нови Сад, Србија. Изминатата недела беше првиот дел од размената, учениците од Нови Сад дојдоа овде и имавме најразлични работилници за интеркултурен дијалог. Исто така, правеа сапуни. Гледаме да имаме што повеќе проекти со практична настава на учениците, па така сакавме да биде и општествено одговорен проект и да направиме сапуни што учениците потоа ги донираа во хуманитарни организации, како што е Црвен Крст. Вториот дел од проектот ќе биде изработка на веб страница за учење на знаковен јазик и брајова азбука, а ќе биде преведена на македонски, српски, албански и англиски јазик“, вели Бучевска.
„Алгоритам е првата гимназија што го спроведува европскиот Зелен договор. Минатата година направивме иницијатива за собирање електронски отпад заедно со „Агенда 21“. Оваа година продолжуваме со акцијата со организацијата „0 отпад“. Заедно со „Europe house“ и „Go Green“ се одржаа работилници на тема чист воздух. Во Градскиот парк одржавме настан, каде учениците делеа картички со семиња за садење, поставуваа прашања до случајните минувачи и ги едуцираа на тема чист воздух. Направија и еколошка химна, а нивните идеи како да се подобри воздухот ќе бидат презентирани на 21 април пред Делегација на ЕУ и градоначалничката на Град Скопје“, објасни Бучевска.
Таа им порача на сите млади што допрва треба да се запишуваат во средно училиште, дека Гимназијата Алгоритам им помага да се изградат како млади луѓе, индивидуи што ќе помогнат во градење на самото општество. Сите заинтересирани можат да ја посетат Гимназијата во било кое време да ја осетат атмосферата.
Дополнително, учениците од Алгоритам се дел од „Предизвик за млади“ со поддршка од ФИТР, а има и три активни конкурси за основци и средношколци. Едниот е во соработка со „Europe House“ на тема „Ехо за еко“, тестирање по математика и англиски јазик и конкурс за натпревар меѓу основците по информатика.
Б. Јордановска
Камера: Дехран Муратов