• Latest
Ерол Ризаов

Будалите немаат рогови

October 10, 2023

Изборна хроника: Средби со граѓани, чистење депонии, народни собири, претставување програми – саботни активности на кандидатите за градоначалници

October 4, 2025
Фото: Скриншот од видео на ВВС

Хамас и Израел пред пресврт: Дали планот на Трамп носи вистински мир или само нова преговарачка етапа?

October 4, 2025

Протестен марш за Палестина во Скопје: „Не смееме да молчиме за Палестина“

October 4, 2025
Gaza war (Image by hosny salah from Pixabay)

Бројот на жртви во Газа надмина 67.000

October 4, 2025
Фото илустрација: Генерирано со ВИ

Чешка одржа парламентарни избори

October 4, 2025

Триесет лица повредени во рускиот напад врз железничката станица Шостка во областа Суми

October 4, 2025

Бугарија прогласи вонредна состојба долж брегот на Црното Море поради катастрофалните поплави, три лица загинати

October 4, 2025

Тридневна меѓународна конференција за демократија и хибридни закани наредната недела во Скопје

October 4, 2025

ЕУ ги продолжи за една година санкциите против лица одговорни за руските хибридни закани

October 4, 2025

ОЈО Штип поднесе обвинение против петмина за убиство на турски државјанин

October 4, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СТАВОВИ

Будалите немаат рогови

October 10, 2023 08:28
in ВЕСТИ, ПОЛИТИКА, СТАВОВИ
Ерол Ризаов

Ерол Ризаов

Share on FacebookShare on Twitter

ЕРОЛ РИЗАОВ

Сите прават анкети, па си реков ај и јас да направам едно испитување на јавното мислење. Избрав 2.695 луѓе не по случаен, туку по строго намерен личен избор. На тоа се одлучив бидејќи во демократијата, особено на избори, двајца будали повеќе вредат од еден паметен.

Поставив само четири прашања, на кои можете и вие да одговорите. Првото прашање е дали будалите имаат рогови? Добив фантастичен резултат, сто отсто, 2695 одговори се НЕ, немаат рогови. Второто прашање: дали будалите се познаваат по тоа што зборуваат, пишуваат и како се однесуваат? Повторно сто отсто ист одговор, овојпат ДА. Будалите се познаваат по тоа што зборуваат, пишуваат и како се однесуваат. Трето прашање: дали тие што им веруваат на будалите, се поголеми  будали, и тука одговорот е стопроцентен со ДА. Тие што веруваат се поголеми будали. И четвртото прашање: дали по ваквите три одговори може да се заклучи дека тие кои ги мислиме будали всушност биле паметни, а ние сме будалите? И овојпат сите 2.695 со ист одговор ДА, ептен сме биле будали што сѐ уште им веруваме, иако постојано успеваат да нѐ излажат.

Како тоа изгледа во нашето секојдневие на конкретни случаи. Секој ден има стотици примери во достигнување на сѐ повисокото ниво на нашата постојана повеќедецениска убиствена предизборна кампања која направи каша-попара од луѓето. Овојпат избрав еден еклатантен чудесен пример на врвен популизам на убаво пакување на промени во празна кутија.

Петардата експлодира посилно од бомбата 

На јавна трибина во Струга во предизборната кампања, кога и да се одржат изборите, озаглавена како „Важно е!, од тебе зависат промените“, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, партиски експерт за европско-македонски односи, прилично загрижен, со сугестивно траорен глас, им вели на луѓето „најмалку пет големи европски држави, членки на ЕУ, се против тоа Македонија да ги почне преговорите со Брисел.” Аууу, каква трагедија… микрофоните, камерите се тука да обзнанат дека петардата експлодира посилно од бомба. Заклучокот сам се наметнува: па што се мачиме бре како грешници да исполнуваме туѓи ултиматуми и да се понижуваме, кога, еве, цела Европска унија нѐ излажала, како многупати досега, дека преговорите што веќе се одобрени од сите држави членки и почнати, ќе продолжат ако се исполни единствениот услов – Бугарите да влезат во македонскиот устав како и сите други делови од народи што живеат во Македонија.

Епа, еве, не било така. Николоски најдобро знае, Брисел му е како џебот. Човекот таму ги дознава од прва рака работите, многу е близок со највисоките бриселски функционери кои му шепнале дека „џабе предете“, пет големи и највлијателни земји се против Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, па затоа не ја притискаат Бугарија да попушти. Проблемот е во големата корупција и во организираниот криминал, а не во Бугарите. Види мајката, значи корупцијата и криминалот се најголемите закани за иднината на Македонија. Николоски тоа  велемајсторски го разјасни. Демек и порано се зборувало за корупција, веројатно мисли кога владеел ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Но, тогаш само се зборувало. А сега? Е, сега е нешто друго. Сега од портир и шалтерски службеник до премиер – сѐ е корумпирано. Сите крадат. Аплауз.

Што треба да сфатиме ние будалите? 

Ние будалите треба да сфатиме дека штом ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, веднаш престанува корупцијата, а преговорите со ЕУ автоматски ќе почнат. Кога Александар Николоски нешто тврди, нема што да се сомневаме и да истражуваме кои се тие пет големи европски земји кои велат дека Македонија не заслужува да ги почне преговорите со ЕУ, а за членство воопшто не треба да ни да помислуваме.

Николоски ни дава и помош да откриеме кои се тие пет земји, па таинствено вели една од тие не е Германија. Аааа, значи тоа се Франција, Холандија, Шведска, сигурно, а натаму бирајте меѓу Полска, Унгарија, Данска, Италија, Шпанија, Романија…  Можете да направите какви сакате комбинации, но навистина нема потреба кога Николоски нешто соопштува. Ако тој ги кажеше кои се тие пет земји, ќе беше непријатно да се соочува со деманти. Вака ние треба сами да погодуваме.

Треба малку да се чукнете по глава за да ви текне дека бадијала ќе ги ставиме Бугарите во Уставот кога преговорите ќе бидат блокирани и од други, многу повлијателни земји. Бадијала ги усвоивме и Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Единствен излез е да одиме веднаш на парламентарни избори за Македонија да ги продолжи преговорите штом ќе  дојде на власт чесна влада да ја води државата. Бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е докажана политичка партија која нема ниту една коруптивна и криминална и рекетарска афера во своето 16-годишно владеење со Македонија во изминатите 32 години. Тоа си е револуционерна партија, која кога е на власт демократијата цути и ги достигнува своите највисоки дострели и успеси во ловот на предавници, непријатели и странски агенти, корумпирани новинари и редакции. Ете затоа, европските лидери на најмоќните земји толку силно ќе ја притиснат Бугарија, што не ќе може да мрдне од место и веднаш не само што ќе почнат вистинските преговори, туку и ќе завршат експресно.

И тоа не е сѐ. Порано, пак веројатно за време на просветната демократија на ВМРО-ДПМНЕ, луѓето се иселувале од Македонија како гурбетчии, од економски причини во потрага по корка леб, ја разјаснува големата енигма Николоски. Сега луѓето бегаат од татковината оти нема ни ред ни поредок, владее општ грабеж и јадење на супстанцата на државата. На тоа треба да се стави крај. Навистина е важно! Ептен.

Го земав за пример Александар Николоски како врв на популизмот и манипулациите, иако овие укажувања и уште најмалку десетина други во речиси сите области на квалитетот на живеење на граѓаните, на нивниот стандард, здравствената заштита, образованието, владеење на правото, корупцијата и организираниот криминал, иселувањето… се присутни и се рак-рана на државата во целиот период на независноста. Можеме да чукаме празна слама колку сакаме за тоа кој повеќе крадел и лажел, но резултатот е тој што го имаме пред себе. Тогаш, во што е измамата и големата лага со која и натаму се манипулира јавноста, за жал прилично успешно?

Најтешко домашното вето 

Лагата е во домашното вето, најтешко и најголемото велепредавство на националните и државни интереси со попречување на преговорите со ЕУ. Уставните измени се маргинализираат како 13. прасе пред набројаните проблеми како лажни адути за избори. Сето тоа изгледа прилично објективно за да наседнат и оние кои ги разбираат работите и се определени за евроатланските интеграции. Преговорите всушност ги содржат решенијата кои се предмет на манипулациите.

И организираниот криминал и високата корупција, владеењето на правото и правосудниот систем и економските реформи, изградбата на современа инфраструктура, повисокиот стандард на населението, образованието, здравството, земјоделството, културата, екологијата, демократските процеси, медиумите и уште цела низа сериозни и тешки обврски стојат пред Македонија во ерата на преговорите со ЕУ, без можности за отстапки и гледање низ прсти.

Затоа преговорите по најоптимистичката проценка ќе траат од седум до десет години, а нешто пореалната прогноза би била од 10 до 15 години, за барем донекаде да се сведат сите аномалии на едно подносливо ниво, кое нема да ја разорува Македонија. Тоа без поддршка и на ЕУ, не само финансиска, туку и искуствена, не е можно, а особено не е можно ако во самата држава нема консензус кој гарантира дека ќе нема попречување на сложените и тешки реформи кои треба да се извршат во, историски гледано, краток период. Затоа времето на преговори е најтежок период, но и најзначаен.

Искуствата со сите земји кои биле кандидати за членство во ЕУ кажуваат дека државите најдобро функционирале за време на преговорите, дури и подобро отколку по зачленувањето на некои земји во Унијата. Она за што треба да се подготвува јавноста во Македонија е фактот дека проблемите нема да престанат ни за време на преговорите, ниту по членството во ЕУ. Не треба да се идеализира Европа, како станица на која престануваат сите маки и тешкотии, туку треба да се одработи тоа што ќе означува почеток на една нова ера на европеизација на Македонија и обезбедување на подобра иднина на новите генерации.

За тоа најдобар пример се новопримените членки во ЕУ, мислам на посткомунистичките земји. Некои од нив прескокнаа векови, а сите до една имаа извонреден напредок ако се споредува на какво ниво беа пред тоа. Европеизацијата е процес кој трае многу подолго од преговорите за членство. Сѐ уште, членките кои не припаѓаат на стара Европа имаат проблеми со европеизацијата за што се потребни повеќе децении, а некаде и векови.

Без да почнат преговорите годинава влегуваме во сериозен ризик да се изгубат повторно напразно 20 до 30 години, со што Македонија влегува во неизвесност за својата иднина. Тоа што нема да почне, не може ни да заврши. Затоа, дилемата дали прво избори, па уставни промени и преговори со ЕУ е лажна и опасна. Сето тоа што се користи како аргумент за неопходноста од избори е содржано во преговорите. Тој натпревар – кој побрзо ќе ги спроведе реформите и ќе има успех во преговорите – треба да ја добива поддршката на јавноста да ја води државата. Паролата „Важно е!“ во суштина треба да се однесува на почнување на преговорите со ЕУ, а не за избори. Од тоа нема ништо поважно.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Текстот е личен став на авторот / Преземено од Дојче веле

Print Friendly, PDF & Email
Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Крвава кампања во Виница: Кандидат за советник брутално претепан за да се откаже од листата на ВМРО-ДПМНЕ

    149 shares
    Share 60 Tweet 37
  • Говор на омраза и сексизам кон кандидатка за советничка на ВМРО-ДПМНЕ, ЦИВИЛ со осуда

    143 shares
    Share 57 Tweet 36
  • (ВИДЕО) Еди Рама пред Макрон и Алиев му се потсмева на Трамп: Треба да ни честитате, тој го заврши конфликтот меѓу нас

    108 shares
    Share 43 Tweet 27
  • ИЗБОРНА ХРОНИКА: Мицкоски од Вевчани за „црвените линии“ на Филипче, ВЛЕН со конвенција „Еден глас“ во Скопје, Герасимовски од СДСМ вети бесплатни часови за учениците во Центар

    96 shares
    Share 38 Tweet 24
  • Прв приговор до ДИК: СДСМ Штип против Јорданов и ВМРО-ДПМНЕ за злоупотреба на јавни ресурси

    89 shares
    Share 36 Tweet 22
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ