Германскиот парламент денеска расправа за ратификација на Протоколот за приклучувањето на Северна Македонија на НАТО. Комисијата за надворешна политика на Бундестагот во својата препорака за приклучување на Република Северна Македонија кон НАТО потсетува дека „Владата на Република Северна Македонија, според мислењето на земјите членки на НАТО, спровела неопходни реформи во безбедносниот сектор и постигнала важен напредок во зајакнувањето на правната држава и демократијата“.
Дебатата околу приклучувањето на Северна Македонија во Северноатлантскиот сојуз би требало да трае нецел час. Германската влада во образложението на предлог-законот за Протоколот од 6 февруари 2019 година за Северноатлантскиот договор за приклучување на Република Северна Македонија оценува: „Сојузната влада е убедена дека приклучувањето на Република Северна Македонија кон НАТО ќе значи придонес кон безбедноста и стабилноста во евроатлантскиот простор.“












