Бура од реакции предизвика кратката информација за тоа дека Иванов, како „пензиониран“ претседател ќе добие неверојатни и скапи привилегии. Имено, непопуларниот претседател на ФИРОМ кој не се согласува со промената на името во Република Северна Македонија, и не помислува да се откаже од привилегиите што треба да му се исплаќаат од буџетот токму на таа Република Северна Македонија. Тој и таквиот Иванов ќе ја чини државата вртоглави 165.000 евра годишно, доживотно, освен ако не се промени законот.
Вака како што стојат работите, тој веќе од идниот месец ќе добива пензија од 1.800 евра месечно, што е еднакво на платата и на актуелен претседател, право на тројца соработници, шофер, службено возило, канцеларии… За свое седиште, неславниот претседател во заминување одбрал канцеларии во комплексот висококатници Џевахир Скај Сити во Аеродром.
Текстот со овие податоци на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ го видоа преку 16.000 луѓе за само неколку часа, со 149 коментари. Во дел од коментарите се повикува и на протест, а во најголем дел од нив се бара укинување на овие привилегии за човекот што ја узурпираше претседателската функција и претставуваше продолжена рака на криминалниот и насилнички режим. Голем број коментари се однесуваат и на барањата да се укинат привилегиите на сите бивши претседатели, како и на сите функционери во земјата во која владее сиромаштија и од која заминуваат младите.
Овде пренесуваме дел од коментарите, меѓу кои, за жал, не изостануваат ни редовните тролови што инсинуираат и ја релативизираат дискусијата.
Џ. Д.