Ангела Бушеска и Насер Велиу се двајца младински делегати избрани да ја претставуваат нашата држава на настанот „Младите за климата – предводници на амбицијата“, што ќе се одржи од 28 до 30 септември во Милано во Италија, а на кој ќе се соберат 400 млади од сите земји во светот.
Амбасадорот на Италија во Северна Македонија, Андреа Силвестри посочи дека овој настан е дел од процесот на вклучување на младите, што почна во 2019 година, со поддршка од Италија, и претставува шанса младите да предложат идеи и конкретни активности за решавање на климатските промени.
-Денес климатската стабилност е глобално заедничко добро и нејзиното зачувување подразбира одговорност на сите: владите, фирмите, луѓето. Не се работи само за обврски, инвестиции и нови технологии. Потребен е голем културен скок, па затоа се толку важни младите генерации. Зашто утрешниот свет им припаѓа ним, посочи Силвестри.
Според претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, климатската криза е криза на детските права. Таа, како што рече, претставува невидена закана по здравјето, исхраната, образованието, развојот, опстанокот и идниот потенцијал на сите деца.
-Исто така, претставува критично прашање меѓу младите. Во сите консултации што ги имавме со младите во земјава, климата и животната средина, заедно со квалитетното образование и квалитетот на животот, се најважни за нив. Младите не само што бараат акција – тие и самите се активни. Ние сме должни да создадеме простор за да се чуе нивниот глас и да ги вклучиме во покренување на решенијата, додаде ДиЏовани.
Младинскиот настан во Милано ќе ѝ претходи на 26-тата Конференција на страните на ОН за климатски промени (COP26) во Глазгов. Првите два дена ќе бидат посветени на изработка на глобална декларација, додека последниот ден ќе се одвива дискуција за декларацијата меѓу младинските делегати и министрите што ќе присуствуваат на Претконференцијата (Pre-COP26), што ќе се одржи во Милано од 30-ти септември до 2-ри октомври, овозможувајќи да се чуе гласот на младите на политичко ниво.
–При подготовките за Милано, користевме разни алатки како што е У-Репорт за да ги собереме мислењата и дознавме дека младите во нашата земја се желни да преземат климатска акција и да го кренат својот глас локално и глобално. Заедно со УНИЦЕФ, потпомогнавме процес во кој младите од целата земја ги споделуваа ставовите за да придонесат кон нацрт-текстот на „Младинската климатска декларација“, рече Бушеска.
Во процесот на собирање мислења од младите при подготовките за настанот во Милано, одразени се и наодите од младинските консултации „Преосмисли ја иднината“, спроведени од УНИЦЕФ и Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
По овој настан, УНИЦЕФ во Северна Македонија заедно со италијанската, шведската и британската амбасада, ќе го поддржат националниот „Младински климатски самит“ во Скопје под водство на младите, со цел младите потоа да се вклучат во доработка на младинската климатска декларација и во дијалог со државните претставници.