„Европската комисија ги употребува сите ресурси за да ви помогне во менаџирањето на вашите граници. Би сакал и да ги пофалам вашите власти за улогата која ја имаа во справувањето со оваа криза, како и 120-те граничари од ЕУ кои се тука да им помогнат на своите локални колеги“, изјави еврокомесарот Јоханес Хан, денеска, во текот на примопредавањето на донацијата од ЕУ за Министерството за внатрешни работи.
Во однос на вчерашните средби со лидерите на политичките партии, Хан смета дека на партиите им треба повеќе време за преговарање, со цел да се донесе одлука која е од интерес на државата.
„Очигледно, потребно е уште време. Партиите треба да продолжат да преговараат за доброто и интересите на државата, заради граѓаните, европската перспектива и да се фокусираат на конкретна работа за иднината на земјата, за натамошната интеграција. Сега е време кога треба да ја демонстрираат демократската зрелост. И ако ова биде случај, јас сум убеден во иднината на земјата“, изјави Хан.
Утрово, Хан имаше средба и со претседателот Иванов кој го замолил еврокомесарот – „ЕУ да направи повеќе за неговата земја и да има повеќе настани како што е денешниот, посветен на донацијата на возилата“.