Во центарот на денешните случувања е Самитот на НАТО според чии нацрт заклучоци на Самитот на НАТО, Македонија денеска добива покана за старт на преговори за членство во Алијансата и зачленување по заокружување на сите внатрешни процедури.
„Во 2008 одлучивме дека НАТО ќе и додели покана на ПЈРМ за влез во Алијансата штом се изнајде заеднички прифатливо решение за името во рамките на ОН. Го поздравуваме историскиот договор помеѓу Атина и Скопје за решение за спорот за името. Во согласност со нашата политика решивме да ја поканиме Владата во Скопје да започне преговори со Алијансата. Целосна имплементација на сите предвидени внатрешни процедури во однос на договорот за решение на спорот за името е услов за успешно заокружување на пристапниот процес“, стои во нацрт заклучоците.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска пред стартот на Самитот на НАТО во Брисел, изјави дека Македонија денеска го поправа тоа што го пропуштила пред десет години.
„Денеска е ден во кој можеме да го поправиме она што го испуштивме во 2008 година. Мислам дека дури и на денешните дискусии на министерско ниво за надворешни работи и одбрана и на премиерско ниво, стана јасно дека една од недвосмислено најпозитивните одлуки на овој самит ќе биде поканата што ќе ја добие Македонија“, рече Шекеринска пред новинарите во Брисел.
Од останатите вести кои го привлекоа вниманието на јавноста е апсењето на градоначалникот на општина Ново Село, Боро Стојчев. Стојчев бил приведен доцна синоќа, а настанот преку соопштение го потврдија и од СВР Струмица. Во него се наведува дека синоќа во близина на село Бадилен, од страна на полициски службеници, се запрени две моторни возила натоварени со картонски кутии со цигари.
Денеска во Македонија се одбележува годишнината од геноцидот во Сребреница.
Во присуство на голем број граѓани, претставници на институции, пратеници, политички партии, претставници од Исламската верска заедница и здруженија, синоќа во просториите на општина Чаир се одржа комеморација за жртвите од геноцидот во Сребреница, во организација на „Форумот на Бошњаците“.
Во рамки на одбележувањето вчера група граѓани отпатуваа во Меморијалниот центар Поточари во БиХ.
По повод одбележувањето на 11. јули – Денот на сеќавање на геноцидот во Сребреница, денеска претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери ќе оствари средба со претставниците на бошњачките здруженија и бошњачката заедница во Република Македонија.
Во попладневните часови ќе се одржи и „Марш на мирот“ за солидарност со жрвите на геноцидот во Сребреница во 1995 година и нивните преживеани членови од семејството.