Премиерот Димитар Ковачевски упати честитка по повод Денот на трудот – 1 Мај до сите работници и работнички во земјата.
Тој во неговата празнична порака истакнува дека работниците во него и во Владата имаат сојузник за секое прашање, како и дека сите заедно, Владата, работниците и синдикатите, ќе ги надминат сите предизвици.-Работниците се движечката сила на економијата и општествениот развој. Затоа оваа Влада и јас како премиер го препознаваме и вреднуваме нивниот труд. Меѓународниот ден на трудот годинава го славиме во услови на глобална економско-енергетска криза. И покрај сите предизвици, останавме посветени на подобрување на условите за работа и зголемување на платите на работниците, наведува премиерот Ковачевски.
Премиерот во честитката посочи дека уште во првите три недели од работата на новата Влада дојдовме до историското зголемување на минималната плата на 18.000 денари.
Тој истакна дека секогаш бил и ќе биде на страната на работниците.
-Јас секогаш сум бил и ќе бидам на страната на работниците, тие во мене и оваа Влада имаат сојузник за секое прашање и секој проблем заеднички ќе го решаваме. Има уште многу работа на ова поле, но заедно со работниците и синдикатите ќе ги надминеме сите предизвици. Во мое име, и во име на Владата, им оддавам огромно признание на сите работници во земјата, потенцира премиерот Ковачевски во честитката.
Претседателот Стево Пендаровски упати честитка по повод Денот на трудот со порака дека Први мај е вистинска можност за потсетување на нашиот стремеж кон подобро и поправедно, европско општество.
-Со надеж дека ја испраќаме пандемијата во заборав, денеска им го честитам Меѓународниот ден на трудот на сите граѓани, работници и борци за подобро утре. Како и во екот на кризата, така и денеска, оддаваме почит на сите работници без кои тешко ќе успеевме да ја надминеме здравствената и економско-социјалната криза, вели Пендаровски.
Како држава, истакнува претседателот, треба постојано да вложуваме напори за унапредување на правата на сите работници.
-Да се бориме за вистинска валоризација на секој работник и работничка во земјата, на секој поединец кој преку својата дејност, со својот труд и пожртвуваност придонесува за заедничкото добро. Први мај е вистинска можност за потсетување дека нашиот стремеж за подобро, поправедно, европско општество во секој сегмент од животот треба со заеднички сили да го преточиме во секојдневие. Наша задача не е само да ги обезбедиме и штитиме, туку постојано да ги унапредуваме работничките права. Да бидеме гласни кон неправдите, да ги почитуваме работниците и нивното право на достоинствен живот, зашто само така ќе успееме во толку потребниот прогрес, што секој работник и секој граѓанин го заслужува. Честит 1 Мај, наведува претседателот Пендаровски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери упати честитка по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.
– Дозволете од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име да упатам честитки по повод 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот, денот на работниците кои претставуваат огромна заедница со чиј труд, придонес и посветеност сме тоа што сме или пак, без кои никогаш не би биле тоа што сме. Секој момент, секој атом енергија што го трошат за да обезбедат нормално функционирање на нашето секојдневие, за да има леб на трпезата, за да имаме покрив над главата, за да се образуваат и лекуваат нашите деца, нашите граѓани, треба да не потсети дека не само денес, туку секој ден, секој час треба да се бориме сите за почитување на работничкиот труд и работничките права, за обезбедување на пристојни работни услови, за заштита на работните места и постојано креирање на нови, за достоинствена плата и еднакво вреднување на работата на секој работник или работничка, без дискриминација, стои во честитката од Џафери.
Во честитката, Џафери порачува дека сите постојано треба да се бориме за почитување на работничкиот труд и работничките права, но се осврнува и на протестот на просветните работници, изразувајќи надеж дека набрзо ќе се постигне договор за нивните примања зашто децата, како што потенцира, не смеат да трпат.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски упати честита до граѓаните по повод Меѓународниот ден на трудот.
-Почитувани граѓани, работнички и работници, нека е честит 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот. Вие сте движечката сила на македонската економија и на развојот на нашето општество. 1 Mај е ден симбол на храброста и одлучноста, на борбата за подобро утре, ден за признание на трудот, ден за уште поголемо залагање за правата на работниците. Продолжуваме да ги штитиме работничките права, во духот на солидарноста и социјалдемократијата, да бидеме целосно посветени на обезбедување услови за развој, напредок и еднакви можности за сите, пишува министерот во честитката објавена на неговиот фејсбук профил.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска со видео обраќање го честиташе 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.
-За Владата и Министерството за труд и социјална политика, унапредувањето на работничките права остануваат високо на агендата на приоритетни цели. Ветивме зголемување на минималната плата и денес, и денес нема плата пониска од 18.000 денари. Нашата посветеност на работничките права ја потврдуваме со започнатиот социјален дијалог, за изготвување на општ колективен договор за сите вработени во јавниот сектор, наведува Тренчевска.
Министерката посочува дека се работи на решението кое ќе биде, како што нагласува, системско и солидарно за сите.
-Линеарно покачување од 2 806 денари за сите вработени во јавниот сектор. Во рамката за преговори за новиот Општ колективен договор е враќањето на регресот за годишен одмор, за целиот јавен сектор во 2023 година, како и нова методологија за пресметка на платите, со која ќе се обезбеди редовна корекција на платите според критериуми кои ќе бидат утврдени и која ќе се преслика во гранските колективни договори, што значи постојан раст на платите во јавниот сектор, истакнува Тренчевска.
Таа соопшти дека во финална фаза на подготовка е и новиот Закон за работни односи, кој ќе одговори, како што вели, на потребите на едно современо општество, а до крајот на оваа година се очекува да биде усвоен од страна на Собранието. Таа отенцира дека Министерството за труд и социјална политика продолжува да ги вложува сите свои капацитети во насока на обезбедување поголеми права, безбедни работни места и достојни услови за работа на секој работник.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска упати честитка по повод 1 Мај во која порачува дека сечиј труд заслужува да биде соодветно вреднуван.
Според Спасовски, и покрај низата предизвици и глобални кризи во изминатите години, државата се погрижи работните места да бидат приоритет и да ја одржи вработеноста. Решена е, наведува, и историската неправда кон стечајните работници, а веќе и недела е неработен ден.
Во честитката, тој се осврнува и на својот сектор. МВР покажа, оценува Спасовски, дека за само четири години може севкупно да се подобрат професионалните услови и стандарди за работа на полициските службеници. Министерот потсетува и дека од септември ќе се реализира дополнителното покачување од пет отсто за сите вработени во Министерството.